Со вознесенска радост, манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ и оваа година го прослави споменот на „пофалбата на монасите и украсот на свештениците“, преподобниот Јоаким Крчовски – известува Кумановско-осоговската епархија.
Во навечерието на неговиот спомен, на 22 мај 2026 година, со Празничната вечерна богослужба чиноначалствуваше Високопреосвештениот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј. Молитвено присутни на вечерната беа и Високопреосвештените Митрополити Преспанско-пелагониски г. Петар и вомировениот Кумановско-осоговски г. Јосиф, како и Преосвештениот Епископ Велбуждски г. Исак од Бугарската Православна Црква.
Утредента, на 23 мај 2026 година, реки од верен народ се слеваа во Осоговскиот манастир. Божествената Литургија ја возглави Високопреосвештениот Митрополит Петар, во сослужение на Високопреосвештените Митрополити: Кумановско-осоговски Григориј, Тетовско-гостиварски Јосиф, Австралиско-новозеландски Никола, Вомировениот Кумановско-осоговски Јосиф и Преосвештениот Епископ Браницки г. Јован од Бугарската Црква, Прв викар на Бугарскиот Патријарх.
На Божествената Литургија верниот народ се причести со светите Христови тајни.
По завршувањето на Божествената Литургија, Митрополитот Петар, во сослужение на своите собраќа архијереи, изврши Мал водосвет, ги благослови кумските колачи и го благослови куполниот крст, кој ќе стои на храмот во конакот што се гради во чест и спомен на Преподобниот Јоаким Крчовски.




























