Втор ден од Научната конференција „Балкански монашки светови“ во манастирот во Ново Село

Со Света Божествена Литургија која ја отслужи Архимандритот Агатон во манастирот „Свети Антониј Велики и Свети вмч. Георгиј Победоносец“ во Ново Село, покрај Струмица, а во молитвено присуство на учесниците, на 6 септември 2025 година започна вториот ден на научната конференција „Балкански монашки светови“.

Во работниот дел се одржаа три работни сесии.

На првата сесија претседаваа Епископот Хераклејски Климент и проф. д-р Србољуб Убипариповиќ. Со свои излагања се претставија Митрополитот Крушевачки проф. д-р Давид (од Српската Православна Црква) на тема „Умно-срдечна молитва“. Митрополитот Дебарско-кичевски проф. д-р Георгиј зборуваше на тема „Молитвата како подвиг: Аскетската димензија во делата на Свети Климент Охридски“. Првата сесија ја затвори протопрезвитер- ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ кој имаше излагање за „Литургиската реформа на патрихархот Филотеј Кокинос и исихастичкото движење во Србија во втората половина на 14 век“.

Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков и протоѓакон проф. д-р Златко Матиќ претседаваа со втората сесија на кое протопрезвитерот проф. д-р Зоран Ранковиќ и презвитерот доц. д-р Драган Каран зборуваа на тема „Значењето на исихазмот за современата пастирска служба“.

Сесијата продолжи со излагањето на Епископот Хераклејски м-р Климент на тема „Траги на исихазмот во натписите на зрзеските свитоци од 14 век“, а сесијата заврши со трудот на Епископот Моравички д-р Тихон, „Отечкото богословие во Студеничкиот типик- идентификација и анализа на патристичките извори“.

Со последната сесија претседаваа Митрополитот Дебарско-кичевски проф. д-р Георгиј и проф. д-р Зоран Ранковиќ.

Свое излагање имаше викарниот Епископ Стобиски г. Јаков кој зборуваше за „Подвигот на трезвеноумие како восход до боговидение во богословската мисла на старец Емилијан Симонопетриски.

Протоѓаконот проф. д-р Златко Матиќ имаше предавање на тема „Богословските претпоставки на христијанскиот етос во опусот на Григориј Палама: посебен осврт на Декалог по Христа“.

На тема „Глави за искушенијата и неволните жалости и користа од нив – аскетската теологија на архиепископот Лав Охридски“ зборуваше доц. д-р Виктор Недески, а денешниот работен ден заврши со трудот на Архимандрит Данило: Женското монаштво на Балканот од 13 до 17 век- анализа на словенските ракописни извори“.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1C5sdpS5jk/