Втора меѓународна научна конференција „Литургиска теологија и монашка пракса“

„Наследството на пустината“ – Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот и Институтот за литургика и црковна уметност при Православниот богословски факултет во Белград, во манастирот Манасија (Браничевска епархија на Српската Православна Црква), од 4 до 6 септември 2026 година ја организираат втората меѓународна научна конференција „Литургиска теологија и монашка пракса – извори, развој и преобразби, современи предизвици“. Првата конференција се одржа лани, во манастирот „Св. Леонтиј“, во Водоча, како што известивме.

Конференцијата свечено ќе биде отворена на 4 септември 2026 година во 17:30 часот, со поздравни посланија на Неговата Светост патријархот Српски г.г. Порфириј и на Неговото Блаженство архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Поздравно обраќање во име на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследството на пустината“ ќе одржи протојереј-ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ.

Потоа ќе следува пленарното предавање на митрополитот браничевски г. Игнатиј на тема „Есхатолошката природа на Црквата и монаштвото“.

Во сабота, 5 септември 2026 година, во работниот дел на конференцијата, поделен во три сесии, своите трудови ќе ги изложат: митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, епископот Хераклејски г. Климент, д-р Златко Матиќ, д-р Даница Поповиќ, д-р Катица Ќулавкова, д-р Гордана Гавриќ, д-р Мирко Ковачевиќ, д-р Александар Ѓаковец, д-р Александар Крстановски, д-р Никола Лукиќ, д-р Милан Ѓорѓевиќ, д-р Здравко Јовановиќ и м-р Стефан Цветановски.

Во недела, 6 септември 2026 година, со почеток во 9 часот, ќе биде отслужена света архијерејска Литургија. Потоа, во 11 часот, ќе се одржи тркалезна маса, на која ќе биде претставен првиот број на списанието „Пустината“.