Започна изградбата на нов храм во Берлин

Со благослов Божји и со голема духовна радост, во Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија започна изградбата на уште еден православен храм за македонските верници во дијаспората. Новото духовно светилиште ќе се гради во Берлин, во рамките на Македонската православна црковна општина „Свети Климент Охридски“.

Со поставувањето на темелите и изведбата на првата бетонска плоча, започна реализацијата на долгогодишниот сон на македонските православни верници во германската престолнина, да добијат свој храм, место за молитва, духовно укрепување и зачувување на православната вера и македонскиот идентитет.

„Овој храм нема да биде само градба од камен и бетон, туку живо сведоштво за верата, надежта и љубовта на македонскиот народ. Тој ќе биде место каде што ќе се вознесуваат молитви кон Бога, каде што ќе се крштеваат новите поколенија, ќе се венчаваат младите и ќе се негуваат светите православни и македонски традиции.

Со секој нов ден и секој вграден камен се приближуваме кон остварувањето на еден долгогодишен сон. Да се молиме Господ да ги благослови сите добротвори, приложници и луѓе со добро срце кои го помагаат ова свето дело. Нека Божјиот благослов биде над сите нас, а овој храм нека стане духовно прибежиште за сегашните и идните генерации Македонци во Берлин“, порачуваат од Македонската православна црковна општина „Свети Климент Охридски“ – Берлин.

Европската епархија и понатаму останува посветена на својата света мисија – духовно да ги обединува Македонците ширум Европа, градејќи храмови кои ќе бидат центри на верата, љубовта и заедништвото.

Извор: https://mpee.mk/post/mpco-berlin-zapocna-so-izgradba-na-nov-xram