На 5 септември 2025 година, во манастирот „Свети Леонтиј“, во Водоча, започна тридневната научна конференција на тема „Балкански монашки светови – Дијалози за монаштвото, теологија и култура“, организирана од страна на Институтот за духовно и монашко наследство на Балканот „Наследството на пустината“ и Институтот за литургија и црковна уметност при Православниот богословски факултет во Белград.
Присутните гости од име на домаќинот-организатор ги поздрави викарниот Епископ Стобиски г. Јаков – претседател на Институтот „Наследство на пустината“, а поздравни слова испратија и Неговата светост, Патријархот Српски г.г. Порфириј и Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.
На свеченото отворање свое излагање имаше Митрополитот Струмички г. Наум на тема „Исихазмот како предание на внатрешно, царско и есхатолошко свештенство“.
Меѓу гостите беа директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, г-ѓа Оливера Трајковска, пратеници, градоначалници, советници, академици, претставници на политичкиот и општествениот живот, како и црковни великодостојници, митрополити, епископи, архимандрити, игумени, дел од свештенството и монаштвото на Македонската православна Црква – Охридска Архиепископија и Српската Православна Црква.
Научната конференција завршува в недела со одржување тркалезна маса на тема „Гласот на пустината во современата теологија: Исихастичката мисла и отечкото предание во дијалогот со современото богословие.“


















