На 7 септември 2025 година, во манастирот „Свети Леонтиј Струмички“, во Водоча, Струмица, беше отслужена света Божествена Литургија на која началствуваше Митрополитот Крушевачки г. Давид од Српската Православна Црква, во сослужение со надлежниот архијереј – Митрополитот Струмички г. Наум и Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и преосвештените Епископи, Моравички г. Тихон, Хераклејски г. Климент и Стобиски г. Јаков како и свештенството и монаштвото на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и на Српската православна црква.
Верниот народ се причести со светите Христови Тајни.
На Литургијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, пратеникот Петар Марков, советници и претставници на политичкиот и општествен живот.
По Литургијата се одржа тркалезна маса на тема „Гласот на пустината во современата теологија: Исихастичката мисла и отечкото предание во дијалогот со современото богословие“ на која модератор беше протопрезвитер-ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ.
Свои излагања имаа митрополитите: Крушевачки г. Давид и Струмички г. Наум, по што учесниците на конференцијата ги изнесоа своите завршни коментари.
Тродневната Научна конференција „Балкански монашки светови – Дијалози за монаштвото, теологијата и културата“ беше во организација на Институтот „Наследството на пустината“ од Македонија и Институтот за литургика и црковна уметност при Православниот Богословски Факултет во Белград, Србија.
Изминатите денови, еминентни професори, теолози, богослови, архијереи, зборуваа на теми поврзани со исихазмот, аскетсизмот, отечкото богословие и молитвата.






















