Водокрст во храмот „Пресвета Богородица“ – Тетово

На 18 јануари 2026 година, Водокрст, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј богослужеше Златоустова литургија во храмот „Пресвета Богородица“ – Тетово.

На Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

По Литургијата беше извршен голем Богојавленски водосвет и според традицијата беше спуштен крстот во водите од базенот во дворот на храмот. На Литургијата беседеше Митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото истакна:

Ваше Високопресвештенство, почитувани отци, браќа и сестри.

Господ и оваа година нè почести со Својата милост да ја посведочиме оваа прекрасна традиција, овде во горно мало во наше убаво Тетово, која што за наша голема радост, не згаснала и до наши дни. Се радувам што вие Тетовци ја сакате и чувате ревносно нашата света православна вера и ги негувате прекрасните традиции кои не одржале како народ. Ве советувам, исто така да ги учите и воспитате вашите деца на вистинските вредности. На што да ги учиме нашите деца? На она за кое ни говори св. ап. Павле: „ А понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! И она, што го научивте, примивте, чувте и видовте во мене, тоа вршете го – и Бог на мирот ќе биде со вас!“ (Фил. 4, 8-9).

Духовно се радуваме на големото празненство на Божјото јавување и на нашето заедничко славје. Денешниот празник во народот е познат како Водокрштение, Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето, односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост, но бидејќи денес е Недела се благословува пост на масло. Овој празник е востановен во спомен на крштението на луѓето кои го примиле христијанството.

Во Светата Црква се познати две осветувања на вода: големо и мало. Големото осветување се врши два пати во годината: токму во денешниот ден, на Водопост, во предвечерието на Богојавление и утре на Богојавление, за што се сеќаваме на крштението на Господ Исус Христос во реката Јордан, во кое Црквата го гледа прототипот на очистување на гревовите, но и вистинско осветување на природната вода со присуството на Бога. Значи, во овој ден и во утрешниот ден се извршува Големо осветување на водите.

Постои благочестиво предание овде во Тетово, на овој и утрешниот ден со осветената вода да се попрскаат домовите на верниците, пеејќи го тропарот на Богојавление. Оваа, и водата осветена утре, се користи преку целата година, за по нејзината моќ здравите да се укрепат, болните да се исцелат, демоните да се изгонат, непријателите да се одвратат и секое добро од Бога да се добие. Можеме да наведеме многу примери за дејството на светата вода и од Стариот завет. Светата вода е присутна отсекогаш во животот на верните луѓе.

Браќа и сестри, нека денешниот ден пред Богојавление – Водокрст ни послужи за покајание, со вистинско капење во Богојавленската вода овде во базенот на овој храм, за да ги измиеме сите надворешни и внатрешни душевни нечистотии, па чисти и свети да го прославиме денот на Крштевањето на Господа Исуса Христа.

Извор: https://tge.mk/zlatoustova-liturgija-vo-xramot-presveta-bogorodica-tetovo