Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Возљубени во Господа браќа и сестри, чеда Божја. Оваа фраза не е празна фраза на културно обраќање помеѓу луѓето во светот. Оваа фраза на обраќање не е некакво општо декларативно изразување. Оваа фраза не е клише како задолжително обраќање кое е многу често користено. Во оваа фраза е фундаменталното значење на нашата вера. Фундаментот е во љубовта. Љубовта Божја нè поврзува. Љубовта Божја нè обожува. Љубовта Божја нè соединува. Љубовта Божја нè преобразува. Својството Божјо, на Неговата слободна Личност, е љубовта. Господ со Својата љубов создал сè што е создадено, видливо и невидливо.
Ова е голема тајна. Ова е најсовршената тајна. Тајната над Тајните во љубовта. Оваа Љубов не е земна. Оваа љубов е трансцедентна, не е од овој свет. Оваа љубов нема граница, безгранична е. Оваа љубов е тајна затоа што ние смртните луѓе не можеме да ја сфатиме со своите сопствени несовршени човечки сили. Ние луѓето се изразуваме, во меѓусебниот соживот, преку личен интерес. А Тајната Божја, единствено се открива преку Божјите пројави и делувања во светот. Тајната над Тајните, експлицитно се открива преку Божјото Раѓање во светот, Неговото отелотворување како еден од нас, како човек.
Безграничниот Бог станува ограничен човек. А тоа се случува единствено поради бесконечната љубов Божја. Навистина, оваа совршена љубов невозможно е да се сфати. Совршениот Бог, без нужност, посакува слободно да стане човек. Господ е целосно слободен и во таа Негова слобода ја пројавува Својата љубов без нужност, без обврска.
Па така, браќа и сестри, сите сме чеда Божја. Сите сме членови на Неговото Тело. Сите сме еднакви делови на Светата Црква. Сите сплотени, помеѓу себе, во љубовта Божја. Бог дојде во светот, живееше со нас луѓето, и пострада од нас луѓето. Тој Совршениот не се налути на нас грешните и мизерни луѓе, ништожни и грешни, туку го чека секого посебно да се вразуми и да ја спознае вистината. Да ја спознае суштината. Кога ќе прашаме: „А што е суштината?“ Или пак: „Во што се состои суштината?“ Одговорот ќе биде: Бог Исус Христос, Синот Божји, Синот Човечки, Богочовекот, Тој е нашата суштина.
Да се сакаме еден со друг, та во едномислие да ја исповедаме нашата вера во Господа Бога Исуса Христа, Кој нè возљубил и Кој нè љуби постојано засекогаш и до века. Господ е нашиот пример и ние сме должни да Го следиме. Нашата должноста кон Господа е во слободната волја и желба да бидеме Негови чеда. Желбата наша треба да биде насочена кон вечната љубов. А Божјото име е Љубов. Тој е безпочетно бескрајна Љубов. Тој е Алфа и Омега.
Ние сме сега во периодот на Успенскиот пост. Постот претставува наше воздржување. Но, воздржувањето не е единствено во рамките на нејадењето на блажна храна. Воздржувањето е широк концепт на однесување, поимање и изразување на секој поединец. Воздржувањето од недолично однесување не е единствено во рамките на постот. Никогаш не е дозволено недолично однесување. А што е недолично однесување? Сето она што нè оддалечува од Божјата близина, тоа е недолично. Гревот кој го чиниме е експлицитен пример за недоличност. Гревот е грев постојано, гревот и надвор од постот е активен. Не можеме да кажеме дека постот се сведува единствено само во воздржувањето од храна, а од друга страна да бидеме грешни луѓе. Затоа треба да се пазиме постојано да не заталкаме и да се изгубиме во човечката лудост на недоличноста.
Православниот Христијанин секогаш пости. Тој секогаш се воздржува од недоличност. И надвор од постот и во постот, ние се пазиме од соблазните и од лекомисленоста во која запаѓаме, грешејќи. Поради нашето талкање во непокајанието, изгубени во бесмислата ние отпаѓаме од заедницата на љубовта. Но, преку покајанието можеме да бидеме повторно прегрнати од Бога и да бидеме повторно присоединети во заедницата на спасението, во лоното на љубовта.
Светиот Апостол Павле, нашиот учител во верата, говорејќи во своите писма кои ги упатувал кон древните Цркви од првиот век, нè поучува темелно, и нè воспитува. И ден-денес, Великиот Павле нè поучува во верата. Тој Боговдахновен и обожен, осветен од Светиот Благодатен Дух Божји, пишувал, проповедал, делал, сведочел, им служел на луѓето, страдал. Денеска, пак, ние читајќи ги тие напишани негови зборови на Светата Литургија и надвор од неа, ги поимаме во својата свест повторно преку истиот Дух Божји. Бог е ист вчера и денеска, ист е постојано вечно. Па следствено, Духот Божји нè сплотува, и нè формира. Преку Светиот Дух Кој е во Црквата Божја, овие Павлови зборови се актуелни и денеска за сите нас. Актуелноста е во вистината. Вистината е Бог.
„Браќа, ве молам во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате исто, и меѓу вас да нема раздори, туку да бидете совршено соединети во еден ум и во исто мислење“ (1 Кор. 1, 10). Апостолот Павле ги молел тогаш Коринтјаните, но денеска и нас нè моли. Во името Божјо Павле ги моли луѓето да се воздржуваат и да бидат соединети во едномислие. А соединението е во Црквата. Црквата Божја треба да биде во едномислие. Телото Божјо е Едно, деловите на тоа тело се различни по својата форма, изглед и конфигурација. Но, сите делови се Едно Тело. Сите живееме и постоиме за тоа Едно Тело. Главата на тоа Тело е Самиот Бог Исус Христос. Та кога ќе бидеме сите сплотени помеѓу себе, тогаш сите ние ќе ја имаме истата мисла. Ќе ја имаме истата волја. Мораме да ја сфатиме оваа суштина на едномислието во љубовта. Соединувањето наше да биде преку Светото Причестување со Тајните Божји, соединети во љубовта, сите подеднакво возљубени од Господа.
„Зашто од домашните на Хлој чув за вас, браќа мои, дека меѓу вас имало кавги“ (1 Кор. 1, 11). Па зар не се препознаваме и ние денеска во овие „стари“ зборови упатени на Коринтјаните како прекор? Па, што правиме ние денес? Наместо да се љубиме – се караме и се докажуваме. Сите се тркаме да ја докажеме нашата слобода во нашите ставови. Сите си имаме свои ставови кои си ги формираме во нашата лична егоистична потреба. Денес сè повеќе се истакнува извитоперената слобода на личното поимање на животот. Па, така, скоро сите луѓе ја изразуваат личната слобода преку негирањето на другите, преку игнорирањето на луѓето и на животот. Штом започне негирањето, тоа води во деструкцијата на уништувањето. Затоа и историјата на цивилизацијата е втемелена во самоуништувањето.
Апостолот нè подучува дека не смееме да се делиме помеѓу себе, та да припаѓаме во некоја дружина на луѓе, па макар и да се тоа свети апостоли. Ние не сме Павлови, ниту Петрови, или на било кој друг светител. Ние сме Христови. Сите ние сме чеда Божја. Сите светители се чеда Божја. Бог Исус Христос нè осветува, Тој нè создава, Тој нè спасува. Значи, ние Му припаѓаме на Бога. Припаѓаме на Светата Троица. Целата Света Троица е присутна во Црквата Божја, во Телото Божјо, во нас.
Секој Светител ја проповеда верата во Господа Исуса Христа. Секој маченик страда за верата во Христа. Секој свештенослужител крштева и проповеда во Името Божјо, во Името Христово. Исус Христос е нашиот пример. Тој е нашиот Прототип. Тој е нашата Икона на Спасението. Сите сме Христови. Сите сме Негови. Сите во Еден, Еден во сите, во Христос Спасителот.
Во денешното Евангелие слушнавме дека многу народ Го следел Христос. Народот Го препознал Спасителот и ја чувствувал благодатната сила Божја. И денеска народот ја препознава Благодатта Божја во Црквата и ита кон неа. Во Црквата Божја денеска Христос невидливо присуствува постојано насекаде и видливо ни се подарува во Светите Негови Тајни, подарувајќи Го Своето Тело и Крв. Ние видливо, материјално, се причестуваме со Неговите Дарови. Но, и духовно се причестуваме со Благодатта на Светиот Дух. Па така нашето битие потполно се преобразува. Се преобразуваме телесно осветувајќи се, Исус Христос нè обожува. Нè преобразува и духовно, психички. Нè преумува. Од грешни, лоши и расипани, ќе нè промени во добри и квалитетни луѓе. Ќе нè освети за да станеме икони Божји.
Во Евангелието понатаму слушнавме како светите ученици Христови, Му велат на Исуса дека народот е многу гладен. Тие не Го молат за себе, туку за народот. Тоа е реалното застапништво на светителите. Светителите се молат за нас. Дури и додека се тука со нас во светот, тие просветените и осветените свети луѓе, ги поставуваат туѓите проблеми и маки пред себе и Му се молат на Господа да биде милостив и да им помогне на тие за кои што се молат. Но, и сите ние во Црквата ја имаме оваа света должност на емпатија кон луѓето и кон светот. Емпатија кон сите луѓе. Во овој настан од Евангелието имало многу луѓе, и биле собрани секакви луѓе. Но, ние никако нема да ги делиме луѓето по било каква основа. Не постои за нас етничка, расна или верска разлика. За нас постои Бог Исус Христос Кој ни се Откри и Кој ја Откри Светата Троица преку Себе. Тој дојде поради сите без никаква разлика. А од нас се очекува да бидеме молитвени застапници за светот.
Во Светото Евангелие Исус Христос погледнал кон небото, Му се помолил на Бога и ги благословил петте лебови и двете риби. И чудото се случило. Исус Христос ја умножил храната за да ги насити сите луѓе. Господ им давал на Апостолите, та Апостолите им делеле на луѓето. Денеска исто е така во Црквата Божја. Бог ја излива благодатта Божја врз Епископите и свештенослужителите, та тие ги делат даровите Божји на луѓето. Христос вечниот Владика, ги благословува Епископите во Црквата Божја, а Епископите ги поставуваат свештенослужителите како свои помошници. Благодатта Божја се предава од еден на друг. Хиерархијата постои во поредокот. Во хармонијата е совршениот начин на делување, а во хармонијата е редот и поредокот на благодатното преемство.
Луѓето кои Го следеле Христа го барале Царството Божјо. Ја барале Божјата Правда. Го барале Бога. Копнееле за милоста Божја. А секако дека човекот е живо битие кое има потреба да јаде за да живее, па така Господ ги знае нашите потреби и се грижи и за нив. Но, во ова сознание дека Господ се грижи за нашите потреби, никако не смееме да помислиме дека требаме да се молиме на Господа да ни ги задоволува нашите желби и потреби кои се насочени кон угодувањето во светските наслади, во хедонизам. Треба да сме свесни дека од Господа ќе го бараме единствено Царството Божјо и вечното спасение. А не да бараме од Господ да ни биде тука на земјата поарно и побогато. Често луѓето ја поимаат верата Божја само низ призмата на личните потреби и заради комплексите од сиромаштијата. Луѓето сакаат да живеат во изобилство и копнеат за тоа. Но, на тој начин погрешно ја исповедаме верата.
Пет илјади луѓе биле нахранети со умножување на храната. Освен што се хранеле сите тие луѓе со духовната Божја храна која се дарувала преку Исус Христос, луѓето биле и телесно нахранети. Така и ние во Црквата Божја. Прво ја служиме Светата Литургија Божја, Му благодариме на Господа за сè што ни подарува во нашиот живот. Затоа Светата Литургија уште се вика и „евхаристија“, или „благодарење“. Евхаристија го добива името по грчкото значење од глаголот: евхаристо – благодарам. Благодарејќи за сите добрини кој ги добиваме од Него. А после Литургијата, верниците се собираат и заеднички се хранат. Тоа најчесто го гледаме во општежителните манастири каде што после Литургијата и другите служби, браќата монаси или монахињи, се собираат во трпезаријата на оброк. Тој оброк се вика трпеза на љубовта, Агапе.
„Никој нека не ја бара својата лична полза, туку ползата на другиот“ (1 Кор. 10, 24). Така во Светата Црква сите ние, членовите на нашето заедничко Тело Божјо, се молиме за ползата на сите други. Никогаш не смееме да се поставуваме себе пред другите во молитвата пред Господа. Смирението е многу важен сегмент во нашата перцепција. Преку искуството ние ја обликуваме нашата свест. Ако нашето искуство биде во гордост и егоизам, тогаш преку таквото искуство, ние нема да припаѓаме во Божјата заедница. Бог не дојде кај гордите и себични луѓе. Господ дојде кај оние кои се грешни и се каат за своите грешки. Навистина е за секаква пофалба оној човек кој се кае за своите недела. Човекот кој се кае, има скрушеност и полн е со милост. Тој ја цени милоста затоа што и самиот ја бара од Господа.
„Сè е допуштено! Но не е сè полезно: Сè е допуштено! Но сè не се наградува“ (1 Кор. 10, 23). Оваа фраза која ја напишал Светиот Павле е актуелна и потполно реална и денеска. Денеска како и секогаш, имаме разни понуди на сè и сешто. Различната богопротивност се истакнува слободно и се нуди во светот на пазарот како модерна тенденција. Денеска е актуелно и модерно да се биде богопротивен во сите области на човечкото изразување. Секако дека нам ни е допуштено да бираме. Ние слободно избираме, но со нашиот избор ќе биде условена нашата иднина. Она што денес го бираме, тоа ќе биде нашето вечно определување. Доколку избереме богопротивност, тогаш самите слободно ја избираме нашата вечна погибел. Доколку Го избереме Бога, тогаш ќе ја избереме нашата вечна радост.
„Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на милосрдноста и Бог на секоја утеха“ (2 Кор. 1, 3). Амин!