На 22 февруари 2024 година, во катедралниот храм „Пресвета Троица“ во Пиреја (Грција), по покана од надлежниот Митрополит Серафим, се одржа вонредно свештеничко собрание. Тема на собранието беше: „Соочување со последиците од изгласувањето на законот за ‘брак’ меѓу лица од ист пол“.
Пирејскиот митрополит Серафим го искажа својот став во врска со произлезениот проблем на изопачување на човечката онтологија и физиологија, како и со примената на „воук“ агендата за уривање на христијанските догма, етос и цивилизација. По опширна дискусија, собранието одлучи да издаде соодветна резолуција. Во резолуцијата, меѓу другото, се вели:
„Изгласувањето на наведениот закон, во нашето народно собрание, ги извитоперува антропологијата и физиологијата на Божјото создавање. По налог на ‘воук’ агендата, богохулно се обидува да ја поништи агендата на Божјиот закон, што писмено ни е предаден преку Стариот и Новиот Завет. Бесно им се спротивставува на канонските рамки на Едната, света, соборна и апостолска Црква, што ѝ се дадени преку Светиот Дух. Според тоа, оние кои го озаконија, како законско добро, изопачувањето на човечката онтологија и физиологија, и кои го институционализираа противприродниот разврат, со дело и со збор се покажаа како презирачи на Божјиот закон и противници на спасението и на вечната перспектива на човечкото битие…“
Во последната точка од резолуцијата се соопштуваат мерките што ќе ги преземе Пирејската митрополија, во однос на оние кои гласаа за законот:
„Заради заштита на нашето служење и заради почит кон нашата одговорност пред Пресветиот Бог, исполнувајќи ги и одредбите на Уставот на Црквата на Грција, го прекинуваме нашето општење со оние кои гласаа против Божјиот закон. Го прекинуваме општењето, со сѐ она што произлегува од тоа, односно тие нема да бидат канети на ниту една манифестација во нашите парохии, сѐ до нивното покајание, пројавено во пракса преку поништување на овој најсрамен закон во народното собрание“.