Руска православна црква во Медон, предградието на Париз, Франција неодамна ја прослави 100-годишнина од нејзиното основање.
Божествените служби по повод вековниот јубилеј на Црквата „Воскресение Христово“ во Медон, Франција, беа предводени од Неговото Преосвештенство Епископот Иринеј на Велика Британија и Западна Европа и Неговото Високопреосвештенство Архиепископ Михаил, пензионираниот поранешен епископ на оваа епархија под јурисдикција на Руската задгранична Православна Црква. Им се придружија старешината на храмот, протојереј Михаил Гудков, и други свештеници од руските јурисдикции во Западна Европа, пренесува епархијата.
Бидејќи храмот е посветен на Воскресението, пред почетокот на Божествената Литургија беа прочитани Пасхалните часови.
По осветувањето на Светите Дарови, чтецот на парохијата Михаил Арцемович беше ракоположен во ѓаконски чин.
На крајот од Литургијата, епископот Иринеј се обрати кон присутните со беседа за духовното значење на вековниот јубилеј:
Нашите предци ни порачуваат: Ќе го подигнете ли Крстот како и ние, за да му донесете вистински живот на умирањето свет? Ќе бидете ли мисионери на Вистинското Евангелие во овој свет на измама? Ќе направите ли нешто повеќе од само сеќавање на нас: ќе ја почитувате ли нашата вера и труд така што ќе ги живеете во вашиот сопствен живот?
Додека го славиме наследството од нашите предци, браќа, да се обврземе навистина да го следиме нивниот пример. Вториот век од животот на оваа парохија нека биде век на подвижнички раст, мисионерска ревност и неуморно проповедање на Евангелието на спасението, за еден ден целиот Медон, и Париз, и Франција и Европа да научат да се радуваат и да извикаат со нас: „Христос воскресна! Навистина воскресна!“
По Литургијата, прославата продолжи со празнична трпеза. Како подарок, присутните добија спомен-книга за историјата на парохијата. Имаше и неколку музички и културни изведби.
Идејата за изградба на црква што ќе ги задоволи духовните потреби на големиот број руски емигранти кои тогаш живееле во Медон се појавила во 1924 година. На 25 март 1925 година, свештеник Александар Калашников, старешина на домашната капела на кнезовите Трубецкој во Кламар, ја отслужил првата Литургија.
Митрополитот Евлогиј од Париз го дал својот благослов за формирање на парохијата и го поставил свештеник Борис Молчанов за нејзин старешина. Црквата била посветена на Воскресението Христово. На Цветници во 1927 година, отец Борис ја отслужил првата Литургија.
Московската патријаршија побарала од емигрантското свештенство да ја признае советската власт, што отец Борис Молчанов и поголемиот дел од верниците го одбиле. Парохијата затоа се одделила од митрополит Евлогиј и преминала под јурисдикција на Руската Задгранична Православна Црква, чиј дел е и денес.
На Томина недела во 1929 година, храмот бил осветен од архиепископот Серафим (Лукијанов) од Западна Европа.
Црквата служела како епископска катедрала неколку години кон крајот на 1940-тите и почетокот на 1950-тите, вклучувајќи го и периодот кога свети Јован (Максимович) бил надлежен епископ на Западна Европа.
Во доцните 1970-ти било одлучено да се изгради нов храм наместо веќе распаднатата стара црква. На 19 септември 1982 година, новиот храм бил осветен од архиепископот Антониј од Женева.


















Извор: https://orthodox-europe.org/content/meudon-centenary/ преку: https://orthochristian.com/169900.html