Во храмот „Света Троица“ на Руската духовна мисија во Ерусалим, на 17 мај 2026 година, свечено беше одбележана 19-годишнината од потпишувањето на Актот за канонско општење меѓу Московската Патријаршија и Руската задгранична Православна Црква.
Со Божествената литургија началствуваше митрополитот Берлински и Германски г. Марко од Руската задгранична Православна Црква. Сослужуваа началникот на Руската духовна мисија во Ерусалим, архимандритот Васијан (Змеев), началникот на Руската духовна мисија во состав на Руската задгранична Црква, архимандритот Роман (Красовски), како и свештенослужители од двете мисии.
На богослужбата присуствуваа и амбасадорот на Руската Федерација во Израел А. Д. Викторов со сопругата, амбасадорот на Србија Мирољуб Петровиќ, амбасадорот на Босна и Херцеговина Д. Ковачевиќ со сопругата, како и претставници на дипломатскиот кор.
Во молитвено учество беа и игумениите на руските манастири во Ерусалим: игуменијата Екатерина од Горненскиот манастир во Еин-Карем, игуменијата Јудит од Спасо-Вознесенскиот Елеонски манастир и игуменијата Елисавета од Гетсиманскиот манастир на света Марија Магдалина, заедно со монаштвото, верниците и поклониците од Светата Земја.
На сугубата ектенија беше вознесена молитва за Света Русија, како и благодарствена молитва за повторното обединување на деловите на Руската Православна Црква. За време на заупокојната ектенија беа спомнати блаженоупокоените Патријарх Алексиј II, митрополитот Лавр (Шкурла) тогашните претстоители на Московската Патријаршија и Руската задгранична Црква и сите што придонеле за повторното воспоставување на единството на Руската Црква.
На Големиот вход и за време на Евхаристискиот канон беа спомнати имињата на Блаженејшиот Патријарх на Светиот град Ерусалим и цела Палестина Теофил, Патријархот Московски и на сет Рус Кирил, како и митрополитот Источноамерикански и Њујоршки г. Николај, поглавар на Руската Задгранична Црква.
На богослужбата пееше здружен хор од сестрите на Горненскиот манастир.
По отпустот на Литургијата, архимандритот Васијан од амвонот го поздрави митрополитот Марко и сите учесници на свеченоста. Во своето обраќање тој истакна дека надминувањето на расколот претставува исполнување на Христовата заповед за зачувување на единството на верата и љубовта во Светиот Дух, додавајќи дека многу архијереи, свештеници и мирјани вложиле вистински подвиг за повторното обединување на Руската Црква.
Во своето слово митрополитот Марко им се заблагодари на началниците на двете мисии за нивниот труд во служба на единствената Руска Православна Црква и им се обрати на верниците со пастирска поука.
По богослужбата, архимандритот Васијан приреди официјален прием во трпезаријата на историската зграда на Мисијата за учесниците и гостите на свеченоста. На приемот говореа и рускиот амбасадор во Израел А. Д. Викторов и амбасадорот на Србија Мирољуб Петровиќ.
По завршувањето на официјалниот дел, дипломатите и гостите ги посетија руските храмови и манастири на Елеонската гора, Гетсиманскиот женски манастир на света Марија Магдалина, Спасо-Вознесенскиот Елеонски манастир, како и Горненскиот женски манастир во Еин-Карем.








