На Лазарева сабота, 4 април 2026 година, ден кога Црквата го празнува споменот на воскресението од мртвите на пријателот Христов, голем број огласени го примија светото Крштение и светото Миропомазание во Англија. Со светата тајна, во храмот на Дванаесетте Апостоли во Хертфордшир, началствуваше Високопреосвештениот Архиепископ Тијатирски и Великобритански Никита од Цариградската Патријаршија. Со сослужение на свештенослужители од Архиепископијата, вкупно 75 души пристапија кон светлината на вистината, примајќи го печатот на дарот на Светиот Дух.
Треба да се напомене дека на светото Крштение му претходеше успешно завршување на катихетската програма „Откривајќи го Православието“ на Архиепископијата. Преку оваа пастирска дејност, околу 250 луѓе влегоа во Православната Црква. Под раководство на свештеникот Георгиј Циапурдис, програмата се одржува неделно, исклучиво преку онлајн средби (Zoom), уште од септември 2025 година. Поради постојаниот интерес, од мај 2026 година е планиран нов циклус, специјално прилагоден за новопросветените.
Новопримениот народ, меѓу кои најмногу има возрасни, но и значителен број деца, доаѓа од различни културни средини. Потекнуваат од земји како: Обединетото Кралство, Кипар, Грција, Албанија и Бугарија, како и од пошироки региони на Африка, Латинска Америка и Азија, но и од други држави на Комонвелтот и Европа. Се нагласува дека, согласно црковниот поредок, некои од возрасните примиле само свето Миропомазание.
Слични обреди на прием биле извршени истовремено и во повеќе парохии во градовите: Бирмингем, Манчестер, Единбург, Кембриџ и Лондон.
По завршувањето на чинот, новопросветените, со запалени свеќи во рацете, свечено влегоа во храмот, каде што учествуваа во празничната Божествена Литургија и за првпат се причестија со Светите Тајни. Пред отпустот, Високопреосвештениот Архиепископ им се заблагодари на парохиските свештеници на храмот и на бројните доброволци, чиј неуморен труд овозможи достојно одржување на ова духовно торжество. Потоа, во салата на парохијата беше приредена посна трпеза.

















