Организацијата „Love Adelaide“ го организираше шестиот годишен собир „Марш за живот“ за подигнување на свеста за заштита на нероденото дете, во сабота, 8 февруари, во Аделаида, Австралија.
Четири до пет илјади луѓе се собраа во паркот Пенингтон Гарденс за настанот, кој секоја година привлекува голем број учесници. Меѓу присутните беа истакнати јавни личности, државни и федерални пратеници од различни политички партии, како и владини претставници. Епископот Аделаидски г. Силуан од Цариградската Патријаршија, присуствуваше како претставник на Архиепископот на Австралија, г. Макариј. Присуствуваа и претставници од други христијански вероисповеди.
Како и претходните години, на маршот му претходеа со говори од различни говорници, а главната тема за оваа година беше „Вистинските мажи ги штитат бебињата“, со цел да се истакне значајната улога на мажите во јавната дебата за абортусите. Како што стана традиција во изминатите години, преку звучниците беше пуштен жив звук од срцевиот ритам на едно неродено бебе, потсетувајќи ги сите на причината за нивното присуство на настанот.
Оваа година беше направен обид да се организира контрапротест, наводно во одбрана на таканареченото „право“ на абортус, но единствено со цел да се наруши мирниот марш за живот. И покрај тие обиди, не се собраа повеќе од педесет (50) лица, а немаше директен судир со учесниците на маршот, додека професионалноста на полицијата придонесе настанот да се одвива без пречки.
Аделаидската епархија секогаш била посветен поддржувач на движењето против абортусите во Јужна Австралија. Учеството на нејзините верници во „Маршот за живот“ секогаш било бројно, со православни икони што ја симболизираат светоста што Православната Црква му ја припишува на човечкиот живот од зачнувањето. Како и претходните години, епархијата на Цариградската патријаршија повторно обезбеди логистичка поддршка за реализација на настанот, а нејзиното присуство беше забележително не само преку учеството во маршот, туку и преку дамите од Централното добротворно братство, кои подготвија закуски, вода и освежителни пијалаци, кои беа радо прифатени од учесниците и волонтерите на организацијата. Со тоа, тие го поддржаа и хуманитарното добротворно дело на Братството.







