Администрацијата на Трамп поддржа православен манастир против изградбата на ветерници

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја поддржа Свето-Троицкиот манастир на Руската задгранична Православна Црква во Џорданвил, Њујорк, во неговата борба против планираната изградба на ветерници, за што велат дека би го нарушил мирниот амбиент на манастирот.

Портпарол на американското Министерство за земјоделие изјавил дека ова министерство „на администрацијата на Трамп стои зад Свето-Троицкиот манастир во неговите напори да го заштити овој историски имот од ветерниците во странска сопственост“.

Компанијата која стои зад предложениот проект, е во сопственост на енергетска компанија од Обединетите Арапски Емирати поддржана од државата, и еден глобален инвестициски менаџер. „Администрацијата на Трамп беше кристално јасна дека не треба да зависиме од прескапи и несигурни извори на енергија додека работиме на спроведување на агендата на претседателот за енергетска доминација“, изјавил портпаролот на Министерството за земјоделие.

Епископот Сиракушки Лука, игумен на Свето-Троицкиот манастир, вели дека планираниот парк со ветерници речиси би го опколил манастирскиот имот. „Речиси би нè опколил. Луѓето многу често доаѓаат кај своите блиски на гробиштата и нè замолуваат да отслужиме посебен помен. А таму, покрај гробовите и крстовите… стојат и овие чудовишта“, рекол епископот Лука. На манастирскиот имот се погребани околу 4.000 луѓе, а местото го посетуваат и поклоници од Европа, Канада и Јужна Америка.

Свето-Троицкиот манастир веќе 15 години е впишан во Националниот регистар на историски места на САД. Архимандритот Нектариј, кој се грижи за административното работење на манастирот, смета дека овој статус треба да обезбеди одредена заштита на имотот.

Црковните претставници, исто така, се загрижени дека проширувањето на надлежностите на Канцеларијата за локации на обновлива енергија на државата Њујорк во 2024 година го намалило влијанието на локалните заедници врз ваквите проекти. Канцеларијата сега ја има конечната одлука за издавање дозволи. Манастирот презема активности на повеќе фронтови и соработува со адвокати, функционери и федерални агенции, додека истовремено се обидува да обезбеди поширока поддршка од локалната заедница. Покрената е и петиција против проектот, која досега ја потпишале повеќе од 11.700 луѓе. Во манастирот била одржана и конференција организирана од иницијативата „Стоп за енергетското ширење“, посветена на спречување на изградбата на ветерниците.

Крег Ракер, претседател на Комитетот за конструктивно утре, вели дека борбата на манастирот е дел од пошироката национална дебата во САД. „Речиси еден век ова свето место нуди мир, молитва и поклоништво. Заедниците и верските институции не треба да бидат жртвувани заради несигурно ширење на енергетската инфраструктура“, изјавил тој.

Извор: https://heartlandernews.com/trump-admin-backs-christian-monasterys-fight-against-wind-farm-monstrosities/ преку: https://orthochristian.com/179452.html