Познатиот актер, режисер и продуцент Мел Гибсон престојуваше во Светогорскиот манастир Хиландар од 27 до 29 јуни.
За време на посетата присуствуваше на прославата на ктиторската слава на Хиландар – празникот на Светиот великомаченик кнез Лазар, Видовден.
Во Хиландар дојде од длабоко духовни побуди. Искрено посветен на темелите на христијанската вера, и преку својот живот и преку богатиот филмски опус, тој ја посети хиландарската света обител во потрага по молитвен мир и средба со православното предание што непрекинато се чува во неа повеќе од осум векови.
Учествуваше на богослуженијата, беше присутен на монашките трпези и разговараше со монасите. Игуменот Методиј го запозна со светињите, историјата на Хиландар и монашкиот живот во манастирот. Особено му го објасни значењето на Видовден, Косовскиот завет и жртвата што српскиот народ ја принел во борбата за слобода и за одбрана на христијанството, заради Царството Небесно – известува интернет страницата на манастирот Хиландар.
Престојот на Света Гора и во Хиландар за Мел Гибсон беше и дел од неговата потрага по духовна инспирација пред почетокот на снимањето на филмот „Воскресение“, кое е закажано за септември.
Неговото познато филмско остварување „Страдањето Христово“, кое ги прикажува настаните од животот на Исус Христос пред распнувањето, остави силен впечаток врз целиот христијански свет – а и пошироко. Филмот „Воскресение“ ќе ги следи настаните што се случиле по воскресението на Синот Божји од мртвите.






