Поглаварот на Православна Црква на Албанија, Архиепископот на Тирана, Драч и на сета Албанија г.г. Јован, престојува во Соединетите Американски Држави во рамките на својата официјална посета по повод неговото учество на Меѓународната конференција со наслов „Анастасиј: Архиепископ, Теолог, Мисионер“, која започна на 2 февруари во Богословскиот факултет на Чесниот Крст во Бостон, а завршува на 4 март. Албанскиот Архиепископ Јован има дипломирано, а подоцна и магистрирано на овој факултет, во деведесетите години на минатиот век.
Пред почетокот на конференцијата, Неговото Блаженство беше примен од надлежниот Митрополит Бостонски г. Методиј, кој го поздрави со срдечни зборови. На средбата присуствуваа и Архиепископот Американски г. Елпидофор и други архијереи, како и клирици на оваа митрополија на Цариградската Патријаршија. Разговорот при официјалниот пречек на Архиепископот Јован во Бостонската митрополија беше насочен кон единството и мисијата на Црквата во современиот свет.
Високопреосвештениот г. Методиј истакна дека присуството на Неговото Блаженство претставува благослов и ги зајакнува светите врски што ги обединуваат православните верници.
Средбата заврши во дух на благодарност, потврдувајќи ја посветеноста на архијереите и клириците да Му служат на Христос и на Неговата Света Црква со вера, единство и љубов – известува Бостонската митрополија.

