На неделата, 21 јули 2024 година, во древната манастирска црква „Свети Георгиј’ во Стариот дел на Каиро беше отслужена Божествена Литургија, со молитви за упокојување на душите на храбро загинатите, како и на исчезнатите кипарски браќа, за време на инвазијата на силите на „Атила“ и заземањето на голем дел од северниот Кипар пред 50 години, во 1974 година.
На Литургијата началствуваше Блаженејшиот Папа и Патријарх Александриски и на цела Африка, г.г. Теодор II, во сослужение со архијереите на Патријаршијата: Митрополит на Птолемаида г. Пантелејмон и Секретарот на Светиот Синод Епископот Ипонски г. Стефан.
На богослужбата присуствуваа г-ѓа Поли Јоану, амбасадор на Република Кипар во Арапска Република Египет, вонреден ополномоштеник на Амбасадата на Грција во Египет, воени аташеа, Координаторот за образование на Северна Африка и Блискиот Исток, претставници на грчките и кипарските заедници, асоцијации, братства, здруженија итн.
Во своето обраќање на богослужбата, Митрополитот Пантелејмон, потсетувајќи дека „Александриската Патријаршија се покажала како грижлива мајка на страдалниот Кипарски грчки народ“, истакна: „Денешниот богослужбен собор… придонесува за зачувување на историското помнење и значително помага во засилувањето на националниот дух на нашата младина, како преносител на единствениот глас на крвавиот Кипар, кој ќе продолжи да ја изразува, до денот на неговото оправдување, низ целиот свет небесната порака ’Не заборавам!’“
Тој изрази оптимизам дека „Тројниот сојуз: Египет – Грција – Кипар се надеваме ќе го донесе посакуваното“, и му посака на Александрискиот Патријарх: „се надеваме дека наскоро… ќе можете да одите на Прославата на слободна Киринеја, родната земја на Вашиот непосреден претходник г. Петар VII и стапнувајќи повторно на слободна и грчка земја.“
Обраќајќи се кон Амбасадорот г-ѓа Јоану, тој рече: „Ние, Грците од Нилската земја, следејќи го примерот на Великиот Военачалник Александар, основачот на славниот град Александрија… стоиме без поместување покрај нашите повредени браќа од Кипар како ’едно тело’ и така ќе биде до крајот на последниот од нас, кога Бог и Историјата ќе одредат.“
Следуваше обраќање и на Неговото Блаженство Александрискиот Патријарх Теодор, кој го пофали говорникот и јасно нагласи дека изреченото слово целосно ги изразува чувствата, гледиштата и ставот, и негов и на Александриската Патријаршија.