Александриски Патријарх Теодор: Да живее Грција и славната грчка воена морнарица!

На 17 ноември 2024 година, Неговото Блаженство Папата и Патријарх на Александрија и на цела Африка г.г. Теодор Втори началствуваше со Божествената Литургија во Свештената Патријаршиска Обител на свети Сава Освештен.

Пред крајот на Литургијата, тој им додели одликување „Златен Крст на Свети Сава“ на претставникот на Грчката Воена Морнарица, капетан г. Константинос Варуксис и на неговата сопруга, г-ѓа Ангелики Балта, по повод завршувањето на нивната служба во Египет. 

Во својот говор кон одликуваните, Неговото Блаженство изрази искрена благодарност за нивната драгоцена соработка во значајни прашања поврзани со Патријаршијата. Тој со пофални зборови ја истакна нивната посветена служба која придонесе за успешната соработка помеѓу поморските сили на двете земји – Грција и Египет. Дополнително, му честиташе на капетанот Варуксис за добиената нова одговорна позиција во Министерството за одбрана на Грција.

Во завршниот дел од својот говор, Патријархот рече: 

„Вие сте грчки офицери на Воената Морнарица, посветени на светото и преподобното на нашиот народ. Вие сте благословени православни родители и островјани по потекло, со отворени срца и секогаш насмеани. Вашите личности се украсени со многу дарови. Сигурен сум дека каде и да бидете повикани да ѝ служите на татковината, секогаш ќе имате многу да дадете. Ви благодарам, ве честитам и ве благословувам со татковска љубов. Да живее Грција! Да живее Египет! Да живее славната грчка воена морнарица!“

Во оваа прилика капетанот Варуксис на Патријархот му даде подарок – грбот на Грчката Воена Морнарица и копија од светата икона на Богородица „Панагија Таласини“ (Богородица на морињата).

Извор: https://www.patriarchateofalexandria.com/perikosmisi-toy-aperchomenoy-syndesmoy-toy-ellinikoy-p-n-me-to-aigyptiako-p-n-apo-tin-athm/