Александрискиот Патријарх Теодор крсти 100 катихумени на Мадагаскар

На 15 септември 2025 година, Патријархот Александриски и на цела Африка г.г. Теодор II изврши светото Таинство Крштение за сто катихумени од епархијата на Толијара и Јужен Мадагаскар.

Чинот беше извршен согласно со црковниот поредок, во присуство на клирот и мноштво верници. Меѓу крстените имаше доенчиња, млади и возрасни, кои преку Таинството влегоа во полнотата на Црквата.

Во своето слово на овој настан, Патријархот особено нагласи:

„Крштението е новото раѓање на човекот, влегувањето во животот на Црквата, моментот кога небото се сретнува со земјата и човекот станува дете Божјо. Од денес, вие не сте сами; припаѓате на семејството Христово, кое е Црквата, и ги имате за водител Светлината на Крстот и надежта на Воскресението.“

По извршувањето на Таинството, Патријархот, во придружба на епископот на Толијара и Јужен Мадагаскар г. Продром, на клирици и соработници од епархијата, изврши пастирска посета на Казнено-поправниот дом во Толијара, и во машкото и во женското одделение.

Патријархот беше запознаен со добротворната и пастирската дејност што ја спроведува епархијата, која постојано се грижи за исхраната на затворениците трипати неделно.

Во своето обраќање кон затворениците, Патријархот истакна:

„Затворот не е крај; тој е искушение, еден Крст кој може да стане пат кон слободата на душата. Имајте трпение и доверба во Бога. Тој го гледа вашиот бол, ја слуша вашата молитва и не ве остава сами. Ниту еден човек не ја губи својата вредност пред Бога; сите сме Негови деца и Црквата ќе стои покрај вас.“

На крајот од посетата, Патријархот лично ја подели приготвената храна на затворениците, потврдувајќи со дело дека суштината на Православната Црква е заедница на љубов, грижа и конкретно присуство покрај секој човек кој се наоѓа во искушение.

Овој ден претставува пресвртница во животот на локалната Црква, бидејќи ја соедини возобновувачката благодат на светото Крштение со грижата за затворените браќа. Обраќањата на Неговото Блаженство ја нагласија димензијата на Евангелието како збор на живот за сите луѓе и потсетија дека Црквата не е присутна само во светите храмови, туку и на секое место на болка, надеж и враќање – известува грчкиот црковен портал „Нихтимерон“.

Извор: https://www.nyxthimeron.com/2025/09/100.html?m=1