Александрискиот патријарх Теодор се сретна со претседателот на Ангола

Папата и патријарх Александриски и на сета Африка, Теодор II, на 27 октомври оствари средба со претседателот на Република Ангола, Жоао Лоренсо, во главниот град Луанда, во рамките на својата официјална посета на земјата. Патријархот Теодор беше придружуван од амбасадорот на Република Грција во Демократска Република Конго, со паралелна акредитација во Република Ангола, Антониос Пападопулос, како и од почесниот конзул на Грција во Ангола, Георгиос Досопулос.

За време на средбата беа разгледани можностите за развој и зацврстување на православното црковно присуство во Ангола, како и за унапредување на мисионерската, образовната, добротворната и хуманитарната дејност на Александриска патријаршија. Патријархот Теодор ја претстави визијата на Патријаршијата за нејзината мисија во земјата, истакнувајќи дека Црквата сака да биде покрај народот на Ангола преку духовна и општествена поддршка, без разлика и исклучување – известува Александриската Патријаршија.

Патријархот истакна дека Ангола има посебно место во неговото срце, бидејќи во минатото ја извршувал својата пастирска служба како митрополит на Зимбабве и Ангола. Од своја страна, претседателот Лоренсо изрази почит кон Александриска патријаршија и подготвеност за поддршка на развојот на нејзината црковна и хуманитарна дејност во земјата.

Како израз на благодарност за срдечниот пречек и подготвеноста за соработка, патријархот Теодор на претседателот на Ангола му го додели Големиот крст на светиот апостол и евангелист Марко. Одликувањето е израз на почит и благодарност за срдечниот пречек, како и за подготвеноста на претседателот да придонесе за развојот на присуството и делото на Александриската Црква во Ангола.

Посетата, според Александриска патријаршија, го означува почетокот на ново поглавје во присуството и сведоштвото на Православната црква во Ангола.

Патријархот упати и срдечна благодарност и до владата на Грција за нејзината долгогодишна поддршка и конкретната грижа за древната православна Патријаршија. Тој нагласи дека оваа поддршка значително придонесува за продолжување на делото на Александриска Црква.

Извор: https://www.patriarchateofalexandria.com/synantisi-toy-patriarchoy-alexandreias-me-ton-proedro-tis-dimokratias-tis-agkolas/