Антиохиска Патријаршија: Она што се случува во Сувејда е срам за човештвото

Антиохиската Патријаршија на 19 јули објави соопштение во кое повикува за прекин на крвопролевањето во Сирискиот град Сувејда. Го пренесуваме целосниот текст на ова соопштение.


Веќе неколку дена, пред очите на целиот свет, насилството ги пустоши нашите луѓе во Сувејда. Веќе неколку дена траат обиди за смирување и решавање на ситуацијата – без успех. Она што се случува во Свејда е срам за човештвото.

Од избувнувањето на последните настани, Патријархот Јован внимателно ја следи состојбата на терен преку директна и постојана комуникација со митрополитот Антониј Саад, Архиепископ на Босра, Хауран и Џабал ел-Араб. Неговото Блаженство ја следи ситуацијата и преку контакти со сите локални власти и заедници во областа и околината, пред сѐ со шеикот ел-Акл на Друзите во Либан.

Православната патријаршија на Антиохија и Сиот Исток го крева својот глас заедно со гласовите на мудрите луѓе во светот, повикувајќи на прекин на крвопролевањето во Свејда, и ги поздравува регионалните и меѓународните напори за посредување и ставање крај на овие масакри кои ја загрозуваат соживотната хармонија меѓу заедниците. Патријаршијата, исто така, се приклучува кон гласот на своите верници во Сувејда, изразен преку повторените апели на митрополитот Антониј Саад, Архиепископ на Босра, Хауран и Џабал ел-Араб.

Цврсти во нашата надеж, остануваме непоколебливи во верата, одложувајќи го секој страв и ужас. Го молиме Господа Бога да го управува бродот на нашето спасение среде бурните бранови на овој свет – Он, Кој е благословен во вечни векови.

Извор: https://www.facebook.com/Antiochpatriarchate.org