Антиохиската патријаршија ја повикува меѓународната заедница да преземе итни чекори за прекин на огнот во Либан

Светиот архијерејски синод на Антиохиската Патријаршија се состана на вонредна седница во Баламанд – Теолошкиот институт „Свети Јован Дамаскин“, на 8 октомври 2024 година, на покана на Патријархот Јован X, Патријарх Антиохиски и на целиот Исток, кој претседаваше со заседанието. На седницата присуствуваа митрополитите Илија Ауде (Бејрут), Илија Кфури (Тир и Сидон), Силван Муси (Планина Либан), Василиј Мансур (Акар), Ефрем Киријакос (Триполи и Кура), Силван Онер (Британија), Антониј Сури (Захле и Баалбек), Атанасиј Фахд (Латакија), Јаков Хури (Аргентина), Ефрем Маалули (Алепо и Александрета), Нифон Сајкали (Шахба), Григориј Хури (Хомс) и Антониј Саад (Хауран). Тие разговараа за тековната ситуација во регионот и ја издадоа следната изјава:

„Отците на Светиот Антиохиски Синод изразуваат голема болка поради размерот на катастрофата што го погоди Либан како резултат на континуираната израелска агресија, уништувањето и човечките загуби што ги предизвика, вклучувајќи го и мачеништвото на генералниот секретар на Хезболах, Саед Хасан Назралах и неговите високи помошници.

Отците на Синодот го осудуваат лудилото на насилство и континуираното злодејствие, и ја повикуваат меѓународната заедница да преземе итни чекори за прекин на огнот и спроведување на меѓународните резолуции.

Отците го повикуваат парламентот да ја исполни својата национална улога во изборот на нов претседател на републиката по долго чекање и страдање, особено затоа што критичните предизвици со кои се соочува земјата бараат вистинска национална солидарност и посветеност на уставните и договорните текстови кои отсекогаш биле извор за зачувување на Либан во време на кризи.

Отците ги пофалуваат напорите на официјалните органи и медицинскиот сектор во справувањето со предизвиците на раселувањето и лекувањето на ранетите, и покрај тешките економски услови.

Отците ја пофалуваат спонтаната народна солидарност покажана од жителите на областите незасегнати од конфликтот во прифаќањето на раселените лица и обезбедувањето заштита за нив подалеку од машината за уништување. Тие им се заблагодаруваат на армијата, безбедносните сили и граѓанското општество за нивните напори. Тие ја повикуваат меѓународната заедница да ги поддржи овие напори и да работи на постигнување безбедно и достоинствено враќање на раселените лица во нивните области.

Отците потврдуваат дека Црквата стои покрај својот народ во овие тешки околности. Тие ги повикуваат верниците низ целата Антиохиска Црква да ја поддржат хуманитарната и социјалната работа и да ги зајакнат молитвите за Либан да излезе од сегашната криза и за враќање на безбедноста, мирот и достоинството во оваа драга земја.

Отците завршуваат повикувајќи го Отецот на светлините да го испрати Својот мир, да ги утеши душите, да ги помилува мачениците, да ги излекува болните, да ги зајакне медицинските и спасувачките екипи и да ги исполни срцата со нектарот на Неговата божествена утеха.“

Извор: https://www.facebook.com/Antiochpatriarchate.org