Антиохиската Патријаршија стои покрај Украинската православна црква која сведочи и исповеда

Патријархот Антиохиски и на целиот Исток за Јован Десетти, на 24 август 2024 година испрати порака со солидарност до Митрополитот на Киев и на цела Украина Онуфриј, во која изразува поддршка од страна на Антиохиската црква кон Украинската православна црква во прогонот што го доживува, известува Антиохиската Патријаршија.

Во пораката се вели:

“Во последниве денови добивме вест дека украинскиот парламент го одобрил Законот број 8371, кој има за цел да ја забрани Украинската православна црква, да ја спречи нејзината егзистенција и да ја лиши од нејзините имоти, врз основа на причини кои се издигнуваат на ниво на колективна казна за милиони верници, чие единствено ’злосторство’ е тоа што останале верни на православната вера која ја добиле од светителите според апостолското преемство.

Во оваа тешка ситуација низ која поминува Вашата црква, сакаме да Ве увериме дека Антиохиската Патријаршија стои покрај Украинската православна црква, која сведочи и исповеда, и ги повикува своите верници да се молат за да Ви даде Бог сила, заедно со епископите, свештениците, монасите и народот на Вашата црква, за да ја зачувате чистотата на верата и да издржите во искушенијата, и да ги избрише солзите од Вашите очи и да им прости на оние што Ве прогонуваат.

Антиохиската Патријаршија, Ваше Блаженство, потврдува дека Украинската православна црква е единствената црква во Украина која е во евхаристиска заедница со сите помесни Православни Цркви, и која има апостолско преемство и валидно свештенство. Обидот да се забрани и укине оваа црква е обид за укинување на најстарата законска Православна црква во земјата.

Антиохиската Патријаршија го здружува својот глас со гласовите на поглаварите на Православните цркви кои ја бранеа и продолжуваат да ја бранат Вашата Црква, и повикува на свикување на општ собор за да се најде сеопфатно решение за украинското црковно прашање. Повторно Ве уверуваме дека нема да жалиме напори да го подигнеме гласот за Вас и да ги повикаме сите добронамерници во овој свет, особено христијанските лидери, владите, меѓународните организации и бранителите на човековите права и верските слободи, да работат на ставање крај на религиозната дискриминација и насилството кое го доживува вашата црква, што претставува опасен преседан во дваесет и првиот век, кој не смее да биде занемарен и санкциониран.”

Извор: https://www.antiochpatriarchate.org