На 16 октомври 2024 година, во манастирот во Бкерке, Либан, кое е седиште на маронитскиот епископ, беше одржан христијанско-исламскиот духовен самит, во екот на разгорувањето на воените дејствија во Либан.
На оваа средба свое излагање имаше и Неговото Блаженство Патрихарјот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован Х. Ова излагање во продолжение го пренесуваме интегрално.
Почитувани Блаженства, Еминенции, Екселенции,
Браќа,
Ние сме овде затоа што татковината е ранета, во болка и крвари. Нашите срца крварат, затоа што околу нас има жртви, маченици, убивање, насилство, раселување и сите неволји што нè снаоѓаат. Ние сме овде по милоста на Господ во надеж и очекување дека нашата средба и собир ќе бидат средство за утеха на нашиот народ. Ние сме овде во надеж и очекување дека оваа средба ќе биде поттик за наоѓање решенија за нашиот народ, нашата земја и Либан заедно со нашите браќа, политичките и граѓанските функционери и секоја власт. Нека биде зрак на надеж за нашиот ранет и страдален народ.
Пред сè, му благодариме на Неговото Блаженство кардиналот Мар Бечара Бутрос Ал-Рахи за неговата љубезна покана да се сретнеме во оваа чесна резиденција во Бкерке за исламско-христијански духовен самит за да се консултираме за работите на нашата земја и болните прашања кои го мачат Либан и нашиот либански народ во ова тешко време. Нашата средба е прво порака до светот за да види дека ние сме биле и ќе останеме деца на оваа земја со сите нејзини фракции, муслимани и христијани и дека сме едно духовно семејство во национално единство кое не е нарушено од никаков недостаток. Истовремено, тоа е и внатрешна порака до нашиот народ за сите да видат дека сме обединети и дека ништо не нè разделува. Како муслимани и христијани во Либан, толку драг на нашите срца, ние се држиме за раце во времето на опасност.
Се соочуваме со брутална агресија извршена од Израел, почнувајќи од Газа, а сега стигнувајќи до Либан, додека целиот свет гледа во тишина, нем како камен. Ние викаме гласно, барајќи меѓународната заедница да побрза и да ја запре оваа војна, денес, а не утре. Која е смислата на ова криминално однесување? Гледаме пред нас невини луѓе, жени, деца, домови, маченици, уништување и раселување. Сепак, за жал, светот гледа рамнодушно, и се осмелувам да кажам, во поддршка на оваа варварска војна. Ние апелираме до светот да престане да снабдува оружје за убивање, напаѓање, уништување и разурнување. Има толку многу последици.
Почнуваме со прашањето за раселените, оние семејства кои живеат стабилно со своите семејства и роднини. Која е нивната вина? Зошто сето ова раселување, миграција и бездомништво? И зошто сите овие катастрофи? Овде, мора да им се заблагодариме на владините организации, војската, цивилната одбрана и сите функционери кои ги поддржуваат тие раселени луѓе. Благодарност и до оние кои ги примаат. Благодарност и до сите локални и странски арапски тела и други здруженија кои ги поддржуваат оние семејства раселени од тековната војна и катастрофи.
Тука мора да ја истакнеме важноста на воведувањето ред во нашата куќа. Прво, треба да избереме претседател на републиката и да изградиме влада во држава на граѓанство со целосни уставни тела. Ние носиме голема одговорност во овој поглед. Ги повикуваме сите засегнати власти да се обединат и да се фатат за раце за да го забрзаат изборот на претседател на републиката прво за да се реорганизираат сите уставни тела.
Нашата денешна средба е крик за надворешниот свет, меѓународната заедница. Либанците се мирољубив народ и ние не сакаме војни; бараме итен прекин на војната и крај на овој масакр кој жнее илјадници и илјадници маченици, ранети, болни и мртви, и остава домови уништени. Оваа средба е исто така повик за нашите деца во Либан да останат цврсти без оглед на тешкотиите. Ние ќе останеме непоколебливи и нема да гледаме назад, туку ќе ги држиме нашите очи насочени напред.
Се молиме Севишниот и Славен Господ, Милостивиот Бог, да се смилува на душите на мачениците, да ги исцели раните, да ги утеши срцата и да ги зајакне сите во овие тешки и болни околности. Прашуваме зошто одговорот е двоен во овој свет. Зошто двојната одмазда? Зошто некои злосторства се дозволени само таму, но забранети таму и обратно? Ние апелираме до совеста на луѓето ширум светот да бидат деца на мирот и да се стремат кон мирни решенија во овој немирен и нестабилен свет кој страда од многу војни и болки.
Ви благодарам што ме ислушавте и се молам и Го молам Бога овој духовен самит да биде средба која ќе ги утеши срцата на нашите деца, ќе го подигне нашиот глас до целиот свет и ќе сведочи за вистината и мирот, потврдувајќи дека Бог нè создал и сакал да бидеме деца на мирот и радоста.
Ви благодарам.