Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован X на 16 декември годинава се сретна со Неговата Екселенција Премиерот на Грција г. Кириакос Мицотакис, кој ја предводеше грчка владина делегација. Средбата се одржа во просториите на Архиепископијата на Бејрут, а на неа присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Илија Ауди, Митрополит на Бејрут – известува Антиохиската патријархшија.
За време на средбата, двете страни разговараа за историските односи меѓу Грција и Антиохиската Патријаршија. Исто така, се осврнаа на општата ситуација во регионот, вклучувајќи ги последиците од војната во Либан и развојот на настаните во Сирија. Премиерот Мицотакис ја потврди постојаната поддршка на Грција за Антиохиската Патријаршија и за христијанското присуство на Блискиот Исток воопшто. Тој исто така ја нагласи заложбата на неговата земја за зајакнување на договорот за прекин на огнот во Либан.
Од своја страна, Патријархот Јован ја истакна важноста на солидарноста во ова време на искушение, повикувајќи ги сите страни да останат обединети. Тој ја нагласи итната потреба за брз избор на претседател за Либан и подвлече дека е неопходно здружено да се делува за обнова на Либан во сите аспекти и заедници.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Сирија, Неговото Блаженство ја потенцираше улогата на Црквата во поддршката на својот народ среде тековните настани. Тој истакна дека христијаните се составен дел од националната ткаенина на Сирија и повика на засилени напори за укинување на санкциите врз сирискиот народ.
Двете страни ја нагласија значајната улога што Грција може да ја игра во поттикнување на мирот на Блискиот Исток, особено во светло на тековните промени во регионот.
Неколку дена претходно, на 4 декември, Неговото Блаженство Архиепископот Атински и на цела Грција г.г. Јероним, на интернет страницата на Црквата на Грција, ја објави следната изјава во врска со ситуацијата во Сирија:
„Состојбата во настраданата Сирија повторно е исклучително тензична. Внатрешниот вооружен конфликт повторно се влоши со драматични последици за цивилното население. Напредокот на екстремистички вооружени групи и освојувањето на Алепо ја доведува во опасност меѓурелигиската структура на населението во регионот, кој од древни времиња има грчко и православно население – под древната и почитувана Православна Патријаршија на Антиохија и на целиот Исток – како и христијански заедници на Сиро-Јаковити, Ерменци и други христијани.
Поради долгогодишниот конфликт и трагичните последици, постои реална опасност за целосно искоренување на православието и христијанството од поширокиот регион, со што би се загрозила иднината на самиот регион.
Светата Црква на Грција ја изразува својата длабока загриженост за развојот на состојбата во Сирија, како и искрената братска солидарност кон Неговото Блаженство, нашиот брат, Патријархот Антиохиски и на целиот Исток, г. Јован X, кон Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Алепо, г. Ефрем, и кон настраданото Православно паство во Сирија, како и кон браќата Христијани, поглаварите на христијанските цркви во Сирија, и кон сите кои се прогонувани и во опасност. Црквата на Грција ги охрабрува Владата на Грција, особено Министерството за надворешни работи, да преземат дипломатски и хуманитарни иницијативи за нормализирање на состојбата и обезбедување на присуството на Грците и православните во Сирија. Ги повикува меѓународните организации и меѓународната заедница да придонесат на сите начини и ефективно за завршување на долгогодишниот и деструктивен конфликт, за воспоставување мир и реконструкција на регионот, како и за зачувување на вредниот и единствен меѓурелигиски соживот и разновидност со почит и соработка.“
Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=3816 и https://www.facebook.com/Antiochpatriarchate.org