Патријархот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован на 16 август 2025 година се сретна со претседателот на Арапската Република Сирија, Ахмед Ал Сара. Средбата се одржа во претседателската палата во Дамаск.
Според соопштението на кабинетот на Претседателот, за време на разговорот биле разгледани теми што се однесуваат на националната улога на Црквата во зацврстувањето на темелите на националното единство во Сирија. При тоа било потврдено е дека Православната Црква во Сирија придонесува во поддршката на националните напори за наоѓање разбирање за суштинските прашања за соживотот на различните заедници во Сирија.
Претседателот Ал Сара за време на разговорот особено се осврна на улогата што традиционално ја има Православната Црква во Сирија, која се протега и во поширокиот дел на Блискиот Исток, истакнувајќи дека таа ќе продолжи со своето сведочење и пред новите предизвици со кои се соочуваат Сиријците.
Од своја страна, Патријархот Јован нагласи дека Православната Црква ќе остане посветена на својата национална мисија и служење, а на претседателот Ал Сара му ја пренесе загриженоста на своето паство заради несигурноста која владее. На крајот подвлече дека со вера, соработка и пред сè добра волја сите заедно можат да ја поведат Сирија по патот на безбедност и стабилност.
Оваа средба се смета за историска, бидејќи првпат поглаварот на Антиохиската Патријаршија се сретна со Ал Сара по соборувањето на владата на Асад минатиот декември. Привремениот претседател на Сирија, и покрај повеќекратните повици што ги имал, досега не се сретнал со Неговото Блаженство. Сепак, сега јавната расправа во оваа страдална земја за нејзиниот нов пат го вклучува и православното население на Сирија, кое секојдневно се соочува со атмосфера на несигурност што уште повеќе се засили по терористичкиот напад на храмот на светиот пророк Илија во Дамаск на 23 јуни, при што животот го загубија 27 лица, а десетици беа ранети.
По смената на власта, Антиохиската патријаршија бараше да се создаде нов уставен поредок во земјата во кој ниту една заедница нема да биде исклучена. Патријаршијата постојано ја нагласуваше длабоката врска на Православната Црква со историјата и културата на Сирија, како и нејзината голема национална и општествена улога.

