Антиохискиот Патријарх, Римскиот Папа и верскиот водач на Друзите во Бејрут засадија маслиново дрво како симбол на мир

За време на вториот ден од посетата на Бејрут, Папата Лав XIV се сретна со христијанските и муслиманските верски лидери на Либан и Сирија. Средбата се одржа на Плоштадот на Мачениците во главниот град на Либан, каде што, меѓу другите, присуствуваше и Антиохискиот Патријарх Јован, кој во своето поздравно обраќање му посака добредојде на Папата во земјата каде што верниците најпрвин биле наречени христијани, и накратко се осврна на историското сведоштво што го дава Православната Црква на Блискиот Исток.

Потсетуваме дека Антиохискиот Патријарх Јован беше поканет да присуствува во Никеја во Витинија при заедничката посета на Папата и Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, по повод одбележувањето на 1700-годишнината од свикувањето на Првиот вселенски собор, но тој не отпатува таму лично, туку испрати свој претставник.

Средбата во Бејрут беше меѓурелигиска, со цел да се испрати заедничка порака на мир од верските лидери на заедниците кои живеат во поширокиот регион на Блискиот Исток, особено во период кога конфликтите беснеат, а чувството на несигурност кај населението е големо.

Како симболичен чин, Папата Лав XIV, Антиохискиот Патријарх Јован и верскиот водач на Друзите, Шеик Сами Абил-Мона, засадија маслиново дрво – најпознатиот симбол на мирот.

Во своето обраќање Папата потсети на апостолската порака на Папата Бенедикт XVI „Ecclesia in Medio Oriente“, која беше потпишана во Бејрут во 2012 година и која ја изрази желбата на Црквата да влезе во дијалог со претставниците на другите религии. „Бројните минариња и камбанарии на црквите во земјата стојат едни покрај други“, истакна тој, „и сведочат за постојаната вера и предаденоста на народот на Либан кон Единиот Бог“.

И покрај сложените конфликти во регионот, народот на Либан претставува силен потсетник дека предрасудите немаат последен збор и дека мирот е возможен. „Среде борбите“, рече тој, „може да се најде чувство на надеж и охрабрување кога се фокусираме на тоа што нè обединува: нашата заедничка човечност и нашата вера во Еден Бог на љубовта и милоста“. „Христијани, муслимани, Друзи и многу други живеат заедно и се стремат да изградат земја обединета со почит и дијалог“, додаде тој.

Папата Лав XIV се присети на безбројните кедри кои го красат Либан и ги истакна неговите многубројни маслинки, нарекувајќи ги „неуморен симбол на помирување и мир“.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_antioxias/patriarxis-antioxeias-ioannis-kai-papas-leon-id-fytepsan-to-symvolo-tis-eirinis-sti-viryto-fotovinteo/