Митрополитот Черкаски г. Теодосиј од Украинската Православна Црква на 23 септември 2025 година имаше отворено обраќање до Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, во кое говори за тешката состојба во која се наоѓа Украинската Православна Црква, за прогоните и насилствата што ги претрпува од Украинските власти и од ПЦУ – Православната Црква на Украина, чија автокефалност ја додели токму Цариградскиот Патријарх Вартоломеј.
Во своето видео-обраќање, Митрополитот Теодосиј го опишува насилното заземање на Катедралниот храм „Св. Архангел Михаил“, во Черкаси од страна на ПЦУ при кое беа повредени свештеници, монаси и мирјани, беше пукано од огнено оружје во црквата, а самиот Миторполит за малку избегна да биде фатално повреден кога беше удрен со палка во глава.
Во својот апел, тој наведува дека водачот на ПЦУ, Епифаниј Думенко, служел во насилно одземениот храм користејќи украдени богослужбени садови и црковни одежди.
Понатам, Митрополитот Теодосиј ја изразува својата длабока разочараност поради молкот на Царгирадскиот Патријарх во врска со овие злосторства. Тој наведува дека дури и Организацијата на Обединетите Нации ги осудила настаните во Черкаси и побарала нивна итна истрага.
Истовремено, тој прави паралела со состојбата од XX век, кога еден претходник на Патријархот соработувал со болшевиците при прогоните на Црквата.
На крајот од својот апел, Митрополитот Теодосиј го повикува Патријархот Вартоломеј да го поништи Томосот што му го додели на ПЦУ и да ја воспостави канонската состојба. Тој нагласува дека неизменливата позиција на Патријархот може да доведе до втор голем раскол во светското Православие. Митрополитот Теодосиј тој го поттикнува Патријархот Вартоломеј да не дозволи личната чест или честа на престолот да станат пречка за прекин на страдањата на милиони православни христијани.
Ова видео обраќање е објавено со превод на грчки јазик на црковните медиуми во Грција.
Целосниот текст на обраќањето го пренесуваме подолу.
Ваша Светост, Патријарх Константинополски Вартоломеј!
Се обраќам до Вас од името на многубројната и многустрадална паства и свештенство, монаштво и мирјани на Черкаската епархија на Украинската Православна Црква.
Не сметајте го моето непосредно обраќање кон Вас за пројава на некаква дрскост или непочитување на црковниот ред или протокол. За тоа имам две силни причини.
Првата е тоа што некогаш, уште многу пред настаните поврзани со давањето на Томосот за ПЦУ, кога со Вас служевме заедно и се среќававме во древниот манастир Панагија Сумела, а исто така имавме долги разговори на Фанар, Вие самите ми дадовте такво право – да разговарам со Вас директно за проблемите на Православието во Украина. Ќе згрешам пред Бога и пред луѓето ако сега не го искористам ова право. А втората причина – тоа се трагичните околности во кои се најде мојата епархија, како и целото Православие во Украина.
Черкаската епархија, која ја предводам, е една од најстрадалните епархии во Украинската Православна Црква. Страда од рацете, ќе кажам со зборовите на Евангелието, на „крадци и разбојници“ од таканаречената „православна црква на Украина“, кои „не влегоа низ вратата“ во црковниот двор, туку „прескокнаа од друга страна“ (Јн. 10, 1). Тоа го направија по Вашето решение, Ваша Светост. И сега, како крадци и разбојници, господарат во лозјето Христово. Тие ги тепаат и рануваат слугите на Вистинскиот Сопственик – Христос, ја делат облеката на Неговите чеда меѓу себе, ги превртуваат кошниците и го газат грозјето. За своите злодела во Черкаси претставниците на ПЦУ не се казнети, а нивните злосторства сè уште не добија морална оценка од Ваша страна, Ваша Светост, иако сите ние во Украина тоа многу го очекувавме.
Неодамна дадовте интервју за француската телевизија. Тоа се совпадна со посетата во мојот катедрален град Черкаси на водачот на создадената со Ваш благослов „православна црква на Украина“ – Епифаниј Думенко. Тој извршуваше свое дејство во Черкаси, кое не се осмелувам да го наречам богослужба, во мојот Катедрален храм, крваво заземен од милитанти пред помалку од една година. Крвта на монасите и свештениците уште не е целосно исушена на плочките од Соборот, раните на телата на Черкаските исповедници уште не се излекувани, а г. Думенко веќе дојде во туѓ храм и незаконски се качи на мојата катедра. Тој вршеше дејство со украдени богослужбени садови, меѓу нив и на путир, кој мене лично ми беше подарен од мои духовни чеда, пред многу години, за мојата архиерејска хиротонија. Му прислужуваа момчиња облечени во одземени со сила наши богослужбени стихари. А на галеријата на храмот тогаш приврзаниците на ПЦУ беа фрлиле во куп икони на светии кои поради политички причини не ги сметаат за свети.
Најголемиот православен храм во Украина – Архангело-Михаиловскиот катедрален храм во Черкаси – беше заземен од приврзаниците на Епифаниј во октомври минатата година. При заземањето беа повредени свештеници, монаси и мирјани. Ги труеја со солзавец, им кршеа раце, нозе, заби и глави. Во нив пукаа внатре во Соборот. На мене лично ми го расскинаа расото на парчиња, ми го скршија жезолот, а потоа ме удрија со палка по глава со толкава сила што добив потрес на мозокот. Од сигурна смрт ме спаси само монашката камилавка, која го ублажи ударот. Непосредно пред ударот и потресот на мозокот успеав да Ви се обратам Вам, Ваша Светост, од олтарот опколен од терористи, каде седевме како заложници. Сигурен сум дека го видовте тоа обраќање.
Корумпираните органи на полицијата, обвинителството и другите служби досега не дадоа и, изгледа, и не планираат да дадат соодветна оценка на овие злосторства на претставниците на ПЦУ и нивните вооружени платеници. И тоа иако Архангело-Михаиловскиот храм во Черкаси де јуре останува во сопственост на Черкаската епархија на Украинската Православна Црква, која ја предводам, а окупаторите го користат само по „правото на сила“.
Уставот и законите во Украина речиси не функционираат, затоа не изненадува отсуството на реакција на овие злосторства од страна на украинската власт и органите на редот.
Но зошто Вие, Ваша Светост, сè уште не им забранивте на Вашите штитеници од ПЦУ да ги вршат овие злодела? Па Вие имате врз нив полнота на власт, според Томосот издаден од Вас. Вие толку често изјавувате дека „украинскиот православен народ е во Вашето срце“. Па зошто тогаш не ги сопрете овие злосторници? Зошто не рековте барем еден збор на сочувство или поддршка за претепаните и осакатени верници во Черкаси, Черновци, Ивано-Франковск и други региони на Украина, ако ние сме „во Вашето срце“?
Дури и Обединетите Нации веќе дадоа оценка за настаните во Черкаси, осудувајќи ги овие злосторства по верска основа и повикувајќи ја украинската власт на итна реакција. Во ОН подигнаа тревога – во свој официјален документ специјални известувачи на ОН го истакнаа насилното заземање на Катедралниот храм во Черкаси и крвавото претепување на неговите бранители, меѓу нив и мене. Во ОН побараа итно истражување на ова злосторство.
Но, од Вас зборови на сочувство и поддршка не дочекавме.
Во интервју за француската телевизија рековте дека не жалите за создавањето од Ваша страна на таканаречената „православна црква на Украина“. А многу погрешно е што не жалите!
Во многу слична ситуација нашата Црква веќе беше по Октомврискиот државен удар на почетокот на XX век, кога новата болшевичка власт започна прогони против христијаните. Црквата ја гонеа, меѓу другото, и преку новосоздадената псевдо-црква на обновленците. Тогаш, за голема жал, Вашиот претходник на катедрата – Константинополскиот Патријарх Григориј VII – застана на страната на обновленците, легализирајќи ги. Патријархот Григориј не само што бараше од светиот Патријарх и исповедник Тихон да го напушти својот престол, туку и преку својот претставник, архимандрит Василиј, ги благословуваше лажните собори на расколниците-обновленци. Благословуваше со послание во кое стоеше: „Јас сум со вас, иако сум далеку!“ Овој претставник на Константинополската патријаршија официјално беше почесен член на обновленскиот лажен синод и постојано учествуваше на расколнички скверни „богослужби“ во 1920-тите години.
Сега, по едно столетие, ситуацијата речиси 100% се повторува. Државната власт на Украина ја гони нашата Црква и прави сè за нејзино целосно уништување. Во тоа директно учествува „православната црква на Украина“, создадена со Ваше непосредно учество.
Тогаш, во XX век, нашиот народ великодушно му го прости на Вашиот претходник предавството на нашата Црква и соработката со комунистите во прогоните против неа.
Ќе прости ли нашиот верен народ и овој пат – тоа е големо прашање. Зашто многу крв и страдања донесоа на нашата земја од Вас во Црквата воведените расколници, воведени заобиколувајќи ја вратата, без покајание, без законско ракополагање. Воведени „на друг начин“, како што вели Светото Евангелие (Јн. 10, 21).
Затоа беше многу чудно да ги слушнеме Вашите зборови дека по години или децении можно ќе биде обединување на ПЦУ со нашата Црква. Верувајте, тоа нема да се случи, затоа што не може да има обединување на Христос со Велијар. Затоа Вашата денешна непопустлива позиција, изразена пред француската телевизија, е многу опасна и деструктивна. Таа има сите шанси да стане тригер, поттикнувачки механизам за втор голем раскол во Црквата.
Од личното мое општење со Вас се сеќавам дека посакувавте да станете активен учесник во исцелувањето на првиот голем раскол на Црквата во 1054 г. Но, фактички, Вие, Ваша Светост, може да станете причината за втор голем и неповратен раскол на светското Православие. А ако тоа сега не го сфаќате, тоа во секој случај порано или подоцна ќе го сфатат Вашите наследници на катедрата, на кои ќе им остане да ги расчистуваат овие Авгиеви штали. Дали ќе можат тоа да го сторат – не се знае. Но тоа сигурно ќе го затемни сеќавањето за Вашето име во црковната историја.
Денес, имајќи ги предвид очигледните беззаконија на ПЦУ, Вие, Ваша Светост, ги имате сите морални и канонски основи да им ставите крај и да ги прекинете прогоните против Црквата во Украина. Сега не само што имате многу причини, туку ги имате и сите механизми на влијание за да ја исправите оваа трагична грешка. Зашто нејзините плодови веќе станаа очигледни за целата екумена.
Да, тешко е да се менуваат одлуките дури и на еден обичен човек, а уште повеќе на еден архијереј во Вашата почитувана положба и чесна возраст. Но зар не може ли некаков личен углед, па дури и угледот на катедрата што ја предводите, за Вас да биде повисок од реалното спасение на светското Православие од нов голем раскол? Зар личниот углед може да Ви стане пречка да ги прекинете страдањата на милиони православни христијани во Украина?
Во тоа е тешко да се поверува. Во тоа не сакаме да веруваме.
Ваша Светост, верните во Украина нема да поверуваат во тоа, додека сте живи. Тие, облеани во својата исповедничка крв, ќе се надеваат дека Господ ќе Ви даде промена на разумот и промена на одлуките! Зашто ние сега се соочуваме со реални прогони од страна на безбожната власт во Украина и нејзините верни слуги – таканаречениот „клир“ на ПЦУ.
Се разбира, за исправање на ситуацијата нема да биде доволно само да се повлече Томосот, кој Вие ѝ го издадовте на „православната црква на Украина“. Најважното што сега може да го успокои бранувањето во светското Православие, да ги помири нејзините архијереи од различни земји и да ја излекува започнатата нова голема шизма – тоа е укинувањето на Вашата легализација на украинските расколници. Тие треба да принесат покајание за гревот на расколот и дури тогаш може да се постави прашањето за законско ракополагање над нив. Притоа, тие прашања никако не можат да се решаваат без учество на законската кириархална Црква за украинското Православие – Руската Православна Црква, без оглед на какви било политички проблеми на денешницата.
А тоа, пак, невозможно е да се направи без Ваше откажување од туѓото на духот на Црковната соборност учење за „првиот без еднаквите“, за кое за првпат лично и отворено објавивте во етерот на француската телевизија. Но сето тоа е апсолутно неопходно. Инаку канонскиот поредок и правдата нема да бидат обновени во светското Православие. Значи нема да биде излекувана крвавата рана на новиот раскол, и 2019 година ќе стане за Црквата исто толку трагична пресвртница, каква што беше 1054 година.
Се надеваме, Ваша Светост, на Вашата мудрост и на Вашата способност да се смирите пред патиштата Божји, кои денеска Господ толку јасно ги открива за целиот православен свет. Ги открива во исповедничкиот подвиг на Црквата-маченичка – Украинската Православна Црква. Ги открива исто така и во антихристијанското поведение и злобата на вештачки создадената ПЦУ.
Денес во Вашите раце се наоѓаат – и идниот мир на екумената, и можниот неповратен раскол на светското Православие. Ве молиме, не направете фатална грешка, Ваша Светост.

