Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Рашко-призренски г. Теодосиј од Српската православна црква пред претстојните избори на Косово и Метохија, на 6 февруари 2025 година, упати пастирски апел кој го пренесуваме во продолжение.
Имајќи предвид дека за три дена на Косово и Метохија треба да се одржат парламентарни избори, чувствуваме потреба да упатиме пастирски апел до сите граѓани изборите да се одвиваат во ред, мир и демократска атмосфера. За нашиот народ, кој во овие простори поминува низ многу тешки времиња, од суштинско значење е, и покрај постојните разлики, граѓаните да покажат единство околу сите наши клучни интереси.
Тие интереси се пред сè опстанокот на нашиот народ на ова подрачје, неговата безбедност, економскиот напредок, како и зачувувањето на нашите свети места и севкупното духовно и културно наследство. Во тој поглед, особено значајно е обезбедувањето соодветна и сигурна здравствена заштита во нашите заедници и образование кое е засновано врз зачувување на јазикот, културата и сите вредности што нè одржале низ вековите. Црквата, по својата природа, не може да се меша во изборната волја, бидејќи нејзината улога отсекогаш била да обединува и поврзува, не само своите верници, туку и да гради мостови на соработка со сите луѓе со добра волја, без разлика на политичките услови во кои живееме. Затоа длабоко веруваме дека нашите луѓе на Косово и Метохија ќе знаат да ги препознаат оние што уживаат најголема доверба, имаат углед и морален интегритет и кои досега придонеле за напорите и дејствувањето на Епархијата Рашко-призренска во заштита на основните човекови и верски права, како и на светите места на нашата Црква.
Над сè, важно е изборите во недела, 9 февруари, да поминат во мир и со човечко достоинство и сите да покажат одговорност и свест, надминувајќи ги меѓусебните разлики, да ги изберат оние кои најдобро ќе можат да ја претставуваат волјата на нашиот народ. Во тој контекст, од суштинско значење е што поголем број гласачи со право на глас да излезат на изборите, за српскиот народ на Косово и Метохија да може да ги зачува своите основни интереси и права и да го унапреди квалитетот на животот – како за сегашните, така и за идните генерации.