Архиепископ Атински г.г. Јероним: „Дојде времето Црквата и државата да соработуваат“

„Дојде времето Црквата и државата да најдат начин да можат да напредуваат, да соработуваат без судири,“ истакна Архиепископот на Атина и цела Грција, г.г. Јероним, за време на средба со претседателот на Сириза, г. Сократис Фамелос во просториите на Архиепископијата – како што известува интернет страницата на Црквата на Грција.

Фамелос изјави дека почувствувал потреба, како претседател на Сириза, да го посети Архиепископот за да разговараат за прашања што бараат соработка, нагласувајќи дека тоа е нешто што му е потребно на општеството. 

Неговото Блаженство и претседателот на Сириза зборуваа за добрата соработка што постоела меѓу Црквата и државата за време на премиерскиот мандат на Ципрас. Фамелос нагласи дека сака како основа да се искористи согласноста што била воспоставена тогаш. 

Блаженејшиот истакна дека за време на мандатот на Ципрас имало многу добра соработка и дека во голема мера се придвижило решавањето на економските односи врз основа на платите, но од различни причини тоа не било финализирано тогаш, туку подоцна. 

„Одвреме-навреме се поставува прашањето какви се односите меѓу Црквата и државата. Некои велат дека треба да се разделиме. Ставот на Црквата е дека не се плаши од разделба, туку од тоа што ќе следи по разделбата. Тоа не е нешто што нè заплашува. Мислам дека дојде времето да најдеме решение за заедничкиот пат. Да најдеме начин да одиме заедно без судири. Тоа е потребно за општеството и за младината,“ нагласи Архиепископот. 

Од своја страна, Фамелос додаде: „Со сериозност, со почит, со љубов кон мирот сакаме да помогнеме во оваа соработка. Мојата посета има за цел да го потврди искрениот дијалог што го имавме во минатото, но и потребата со почит да работиме заедно за да ги решиме потребите на општеството, а не она што го сакаме врз основа на лични интереси.“ 

Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=3845