Архиепископ Севастиски Теодосиј: Молчењето пред нападите врз невините граѓани во Сирија е соучесништво во злосторството

Неговото Високопрештенство Архиепископот Севастиски г. Теодосиј од Ерусалимската Патријаршија го крева својот глас против злосторствата врз невините граѓани во Сирија. Во продолжение ја пренесуваме неговата изјава којашто ја објавија грчките црковни медиуми.


Сирија се наоѓа во исклучително тешка состојба, и заедно со сите чесни Сиријци велиме: „Не за сектантска поделба, да за обединета Сирија“

Некогаш беше речено дека во Сирија чука срцето на арапството – изјава што ја потврдуваме и денес, но исто така додаваме дека Сирија е срцето на човештвото. Затоа, она што се случува во Сирија не е само проблем на Сиријците, туку на сите нас, особено на оние кои ја сакаат Сирија, нејзиниот народ и кои длабоко ја почитуваат нејзината историја, наследство и богато минато. 

Она што денес се случува во Сирија, каде што цивилите се цел на насилство врз основа на нивната религија и убедувања, е несреќно и жално. Сирискиот народ, кој помина низ тешки времиња и страдања, заслужува да живее во подобри услови. 

Она што моментално се случува на сирискиот брег и во други делови од земјата не може да се прифати ниту да се оправда на кој било начин. Оние што зборуваат за „остатоци од режимот“ само бараат изговор за да ги оправдаат злосторствата извршени врз Сиријците. 

Јас нема да зборувам за верската припадност на оние што беа убиени или нападнати, бидејќи веруваме дека секој човек е човек, без разлика на неговите верски убедувања. Нападот врз кој било сириски граѓанин, било да е христијанин или муслиман, е страшен злостор кој мора да биде осуден од секое разумно лице со човечки, морални и цивилизациски вредности. 

Времето на претходната власт заврши, а започна нова фаза во историјата на Сирија. Се надеваме дека сегашните власти ќе го исполнат својот долг во оваа транзициска фаза за да ги заштитат Сиријците и да го зачуваат мирот меѓу граѓаните. Апсолутно е неприфатливо да се напаѓа кој било граѓанин поради неговата вера. 

Сирискиот народ, кој толку многу го сакаме, заслужува по сите овие жртви и страдања да живее во подобри услови. 

Оние што во моментов владеат со Сирија само управуваат со земјата во транзицискиот период, сè додека не се одржат праведни избори, на кои легитимно и демократски ќе биде избран претседател. Но, додека Сирија не стигне до таа фаза, мора да престанат злосторствата, цивилите не смеат да бидат напаѓани, а верските слободи на сите групи во сириското општество мора да се почитуваат. 

Категорично го отфрламе секој говор што поттикнува омраза, особено кога доаѓа од луѓе кои носат верски одежди, а во исто време повикуваат на насилство и убиства на оние кои се разликуваат од нив во верата или во мислењето. 

Сирија му припаѓа на целиот нејзин народ – во неа нема секти и малцинства. Во согласност со Неговото Блаженство, Патријархот Јован Десетти, велам: „Не за сектантизмот, да за обединета Сирија со сите нејзини заедници и групи.“ 

Злосторствата мора да престанат, бидејќи сириската крв е драгоцена. Целиот сириски народ мора да работи за идната Сирија, која сакаме да биде демократска држава во која ќе се почитуваат човековите слободи и достоинството. 

Го молиме Бога да ја заштити Сирија во овие времиња и да им даде сила на Сиријците, кои со свои очи гледаат сцени на смрт, убиства и уништување. 

Се надеваме дека Сирија ќе премине во нова фаза, во вистинската смисла на тој збор. 

Не за сектантизмот, не за сектанските провокации, не за убиствата, не за нападите врз која било сириска заедница поради сектански или верски причини. 

Сирија е за сите Сиријци и не е ничија сопственост. Се надеваме дека политичкото раководство на Сирија ќе ја преземе својата одговорност во оваа транзициска фаза и ќе работи на запирање на ужасните злосторства против човештвото и против Сиријците, кои се извршуваат на повеќе места во нашата сакана Сирија. 

Православен Архиепископ Севастиски Теодосиј

Ерусалим, 10.03.2025

Извор: https://orthodoxostypos.gr/επίσκοπος-σεβαστείας-κ-θεοδόσιος-h-σιω/