Архиепископот Севастиски Теодосиј (Атала Хана), архијереј на Ерусалимската патријаршија, во интервју за рускиот верски портал „Религијата денес“ изјави дека состојбата околу Украинската православна црква е дел од поширока криза во светското Православие и нагласи дека ваквите проблеми не се нерешливи, а можат да се надминат преку дијалог, молитва и братско заедничарење.
„Патријарсите мора да се среќаваат, поглаварите на Црквите мора да се среќаваат, мора да се најде решение. Не постои проблем за кој нема решение“ – истакна архијерејот.
Прогонот што се спроведува врз Украинската Православна Црвка (заземањето на храмовите, притисокот врз клирот и верниците, апсењата) архијерејот го нарече „срамна дамка на телото на човештвото“ и ги повика христијанските цркви да заземат став во однос на тој проблем, а меѓународните организации за заштита на човековите права да апелираат за прекин на прогоните против Украинската Православна Црква.
„Прогонот на Црквата во Украина, и на други места, има за цел напад на неколку сестрински Православни Цркви. Притоа, обвинението е подготвено врз основа на односите со Московската патријаршија. Но, односите со Московската патријаршија – не се вина. Московската Црква е канонска и законска Црква – Црква која има свое присуство, своја мисија и свои добри односи со другите Цркви.
Ние во Ерусалим, во Ерусалимската патријаршија, никогаш не сме ја признавале таканаречената Црква на Украина, која беше прогласена последниве години. Ние ја признаваме само единствената канонска Црква на Украина, чиј поглавар е митрополитот Онуфриј, и кој лично, како и епископите, свештениците, монасите, монахињите и сите верници, се изложени на целни дејства.
„За да се подобри состојбата на Православната црква, поглаварите на црквите мора да се соберат – во Ерусалим, во Аман, на кое било место каде што ќе посакаат. Тие мора да се сретнат за да дојдат до решенија кои го гарантираат единството на Црквата, кои ги гарантираат и почитуваат црковните канони и ја гарантираат мисија и присуството на Православната Црква во овој свет. Посакуваме свештенослужителите и црквите заедно да размислуваат за решавање на овие проблеми“ – нагласи архиепископот.
Целото интервју може да се погледне на следната снимка:

