По повод посетата на потпретседателот на САД, Џејмс Дејвид Венс на храмот на Воскресението (црквата на светиот Гроб) во Стариот град на Ерусалим, Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Теодосиј (Хана), архиепископ Севастиски на Ерусалимската Патријаршија, на 22 октомври 2025 година му упати отворено писмо, кое беше пренесено од црковните медиуми ширум православниот свет.
Во продолжение го објавуваме ова писмо во целост.
Утре ќе го посетите Храмот на Воскресението и ќе видите пред себе отворени двери, бидејќи Црквата на Воскресението отсекогаш ги имала своите врати отворени за сите посетители, без оглед на нивната верска или етничка припадност, или бојата на нивната кожа. Љубовта што ја проповедаме и во која веруваме е истата онаа што ја возвести Оној Кој со Своето Воскресение победи над смртта – токму на местото што ќе го посетите утре.
Ви се обраќам со јазикот на љубовта, верата и човечноста, а не со јазикот на политиката и интересите, што ќе ги слушнете од израелските политичари со кои ќе се сретнете. Ние не сме политичари, ниту сакаме да бидеме. Но, веруваме во вредностите на вистината, правдата и поддршката на угнетените. Се надеваме дека Вашата посета на Светиот Гроб ќе Ве допре со светлината што излезе од тој празен гроб, светлина што ги разгонува мракот и неправдата во овој свет.
Во овој свет има владетели на кои интересите им го заслепиле и видот и разумот, и тие ги затвораат очите пред неправдите на кои е изложен нашиот палестински народ. Меѓу тие владетели е и американскиот претседател, чиј заменик сте Вие. Вие се фалите со вашето христијанство, но секој што ги слуша вашите ставови и изјави ќе забележи дека сте далеку од Христовото учење и дека живеете во рамка која нема ништо заедничко со христијанските вредности што нè повикуваат секогаш да ги поддржуваме страдалниците и угнетените.
Целта на ова писмо не е да Ве осудам – тоа не е моја задача, бидејќи постои праведен Судија на небесата пред Кого сите ќе стоиме еден ден, и секој ќе биде запрашан: „Што направи за својот брат?“
Мојата цел е да Ве потсетам, додека го посетувате најсветото место за христијаните во целиот свет, на Вашата христијанска, морална и човечка должност – да ги отфрлите неправдата, тиранијата, окупацијата и угнетувањето.
Како може еден христијанин да ги игнорира страдањата на палестинскиот народ, особено по она што се случуваше во изминатите две години во Газа – каде што се врши геноцид?
Ќе останете во Ерусалим три дена, но не слушнавме дека во Вашата агенда има предвидено средби со палестински претставници, за да ги чуете нивните зборови, а не само она што Израелците ќе Ви го кажат за нив. Целата Ваша посета е посветена на средби со израелски функционери и слушање на нивната страна.
Незамисливо е да дојдете во Ерусалим и во Палестина, а да не чуете што имаат да кажат Палестинците за своите страдања, болки и надежи – особено палестинските христијани, чии цркви благословено ќе ги посетите утре. Но, очигледно ќе бидете опкружен со обезбедување, за да не слушнете ништо што би можело да Ве вознемири Вас или Вашите домаќини.
Во Храмот на Воскресението ќе има поглавари на Цркви, свештеници и монаси, кои отворено ќе Ви кажат дека Ерусалим жеднее за мир, како и целата света земја. Но, мирот за кој ние зборуваме е мир што се гради на правдата и на почитувањето на човековите права.
Она што сакам да Ви го кажам е дека Вие немате овластување да го игнорирате постоењето на палестинскиот народ. Тажно е и срамно што дојдовте во оваа света земја со цел што не е света – целта на поддршка на окупацијата и нејзините неправедни политики против палестинскиот народ.
Нè заситивте со говори за мир, но не направивте ништо за тој мир; напротив, ги игнориравте палестинските права и темели. Кога Палестинците ја преживуваа својата нова катастрофа во изминатите две години во страдалната Газа, Вие ја поддржавте агресијата – и со Вашето оружје беа убиени многу Палестинци, што Ве прави соучесници во злосторството против нашиот народ.
Се надевам дека Вашето влегување во Црквата на Воскресението ќе предизвика промена во Вашето срце и ум – кон подобро. Ако навистина се нарекувате христијанин, нека Ве допре благодатта на Светиот Гроб и благословот на Голгота, за да станете поправеден и похуман. Ние се молиме за Вас и за сите владетели и моќници на овој свет, кои ја изгубиле својата човечност – за да ја повратат и повторно да го најдат правиот пат.
Она што треба да го чуете – никогаш нема да го чуете од твоите израелски пријатели: дека Палестина постои, нејзиниот народ постои, и нејзината кауза е жива, поддржана од многумина низ целиот свет, особено во САД, каде што луѓето излегоа на протести против политиката на Вашиот претседател.
Американската политика не донесе ништо освен уништување – не само во Палестина, туку и во многу други делови од светот. Последователните американски администрации одиграа деструктивна улога, поттикнувајќи конфликти и додавајќи масло на огнот, создавајќи разурнување и човечки трагедии.
Палестинските христијани и целиот наш народ Ви порачуваат, додека влегувате во Стариот град на Ерусалим под силна израелска стража: надевајте се дека Вие и Вашиот претседател ќе станете поправедни и пообјективни.
Дали знаеш дека во Црквата на Воскресението, како и во џамијата Ал-Акса и во целиот град Ерусалим, Палестинците немаат пристап? Ти помина океани за да дојдеш до Ерусалим, но Палестинецот што живее на половина час возење од таму не може да влезе во светиот град, бидејќи го спречуваат контролни пунктови, ѕидови и воени бариери.
Дали знаеш дека војната за истребување во Газа предизвика ужасна катастрофа и човечка трагедија што ниеден разум не може да ја замисли – и сето тоа со благослов на американската администрација и нејзините сојузници?
Ве повикувам да ја смените Вашата политика во регионот од темел, бидејќи мирот што сите го посакуваме не може да се постигне со поддршка на Израел и на неговите злосторнички политики против палестинскиот народ. Мирот се гради врз правда и почитување на човековите права – тој не може да се изгради врз урнатините на палестинскиот народ, ниту преку заговор против неговата праведна кауза.
Кога Вашиот претседател пред неколку дена ги посети Ерусалим и Шарм ел Шејк, тој воопшто не ја спомена Палестина – како таа да не постои. Но, Палестина постои – на картата, но не и во неговиот ум, заматен од сионистичкото лоби што управува со политиката во САД.
Вие велите дека Америка е оаза на демократијата и слободата – но тоа не е така. Кога расистичкото сионистичко лоби владее со државата и ги насочува политиките, тоа значи дека Америка е под скриена окупација, дури и ако тврди дека е заштитник на слободата и човековите права.
Вашиот став кон палестинскиот народ и неговата праведна кауза ќе покаже дали сте навистина христијанин. Вратете се кон својата човечност и вистинско христијанство – не ги игнорирајте страдањата на нашиот народ и неговата борба за живот, слобода и достоинство.
Да, ние сме за мир и се молиме за мир. Но, утре во Црквата на Воскресението ќе слушнете дека мирот што го проповедаме не е мир на покорност, туку мир на слобода, достоинство и избавување од окупацијата.
Се надевам дека моето писмо ќе Ве допре и дека Вашата околина нема да Ви го сокрие – тие што не сакаат да го чуете гласот на вистината и правдата, туку само гласот на манипулацијата и извртувањето на фактите.
Се молиме за Вас, за Вашио претседател и за сите владетели во овој свет – да се потрудат да ја отстранат неправдата од нашиот народ, кој заслужува живот, а не смрт, слобода, а не ропство.
Запомнете, кога ќе влезете во Црквата на Воскресението, дека тоа место нè потсетува на победата на животот над смртта, на доброто над злото, на љубовта над омразата и расизмот.
Го вознесуваме нашиот молитвен повик за нашиот страдален народ во Газа и за целиот наш палестински народ под окупација, и Ве потсетуваме на зборовите на покојниот папа Франциск, кој при посетата на Витлеем беше шокиран од ѕидовите и воените бариери и изјави пред новинарите што го следеа: „Мирот не бара ѕидови и воени пунктови – тој бара мостови на љубов, братство и милост.“
„Бидете милосрдни како што е милосрдeн вашиот небесен Отец.“
И запомнете дека Ерусалим е свет град за трите монотеистички религии – и не е монопол на оние што Ве пречекуваат, кои тврдат дека тоа е „еврејски град“, занемарувајќи ја неговата важност за христијанството и исламот.
„Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“ (Матеј 5, 9)
† Митрополит Теодосиј Хана
Православен Архиепископ Севастиски
Ерусалим, 22 октомври 2025 г.

