Архиепископ Елпидофор: Мојата институционална улога е да ѝ служам на Грција и на нашите национални интереси

Архиепископот Американски Елпидофор од Цариградската Патријаршија неодамна даде интервју за грчкиот медиум „Реал.гр“, објавено на 30 ноември 2025 година, во кое зборува за неколку теми, меѓу кои и за служењето на националните интереси.

Во продолжение пренесуваме делови од ова интервју, целосни одговори на поставените прашања, поделени во неколку заглавја, а остатокот од интервјуто може да се прочита на линкот на дното од страницата.

Осврт на постигнатото

Сега сме во седмата година од вашата служба. Што сметате за Ваш најголем успех?

Најважното достигнување, според мене, е обновата на довербата на верниците кон Архиепископијата и нејзините иницијативи. Кога дојдов, довербата беше многу разнишана – не само финансиски, туку и во способноста на Архиепископијата да ги решава проблемите на дијаспората.

Се разбира, тука спаѓаат и финансиското стабилизирање и храмот „Свети Никола“ на „Граунд зеро“. Но сакам да истакнам дека ништо од ова не е лично достигнување на некој „голем лидер“. Ако нешто постигнав, тоа е што ги собрав околу себе здравите чинители на дијаспората и многу способни луѓе кои ги сакаат Црквата и елинизмот и ги убедив да соработуваме.

Односите со грчките власти и служењето на националните интереси

Дали Вашата посета на „Турскиот дом“ во Њујорк беше причината да се наруши Вашата врска со членови на грчката влада, по што следеше тивко исклучување од страна на владата, додека опозицијата не го следеше тој правец?

Нападите беа еднострани. Јас не ги следев. Не одговорив со контранапади, ниту искористив прилики за да погодам владини претставници.

Се обидував да задржам трезвеност и смиреност и да одговарам само кога имаше обвиненија без основа – и сè уште верувам дека тие обвиненија беа неосновани. За нас, свештените лица од дијаспората, ставот мора да биде јасен: независно од тоа која влада е на власт во Грција, ние му служиме на Народот, на Црквата и на националните интереси. Грција може да ни зададе рана, но „крвта не станува вода“.

Не верувам дека им помагаме на националните интереси ако „ги подјадуваме гранките“ на кои седиме. А една од силните гранки на елинизмот е светата Архиепископија на Америка, која и да е актуелна влада во Атина.

Според новинарски извештаи, Атина се повлекла во конфликтот кога од неа било побарано да ја побара вашата помош за една посета на г. Мицотакис во Белата куќа. Дали е точно?

Не е правилно да навлегуваме во такви детали. Дури и да било побарано, тоа не е нешто лошо. Јас би ја извршил мојата должност. Не правам услуга на никого – тоа е мојата институционална улога: да ѝ служам на Грција и на нашите национални интереси. Ако го правам тоа, едноставно ја вршам мојата должност; ако не го правам – не ја исполнувам.

Која е вашата визија за Грчката Православна Црква во Америка? Многумина мислеа на почетокот дека ќе донесете бран обновување со вашите ставови околу движењето „Блек лајфс метер“, управувањето со пандемијата и др.

Архиепископијата на Америка се развива и расте брзо. Тоа не е само наше искуство „на терен“, во парохиите, туку нешто што го потврдуваат и големи медиуми, како што неодамна направија и „Њујорк тајмс“.

Црквите се полни. Летово – за првпат во нашата историја во Америка – наместо да се празнат црквите поради одмори, беа полни како никогаш претходно. Постојано има голем прилив кон Православието. Заедниците не растат само градежно и економски, туку и во активности: црковни, хуманитарни, спортски, културни.

Човек мора да патува во внатрешноста, во оддалечени парохии, за да го види ентузијазмот за Црквата, за верата и за нашиот културен идентитет. Дури и таму каде грчкиот јазик е во голема мера изгубен, „грчкото“ останува силно.

А особено е значајно што се работи за „грчкост“ без национализам: кога ќе видите во училишта во Тексас Афроамериканци и Американци од азиско потекло облечени во фустанели и како играат чамико, разбирате дека нашата култура инспирира без исклучувања и граници. Тоа е визијата: едно православие отворено, живо, кое инспирира и ги прегрнува сите.

Односите помеѓу православните и римокатолиците

Како ја разбирате средбата во Никеја? Како теолошка можност, како гест на помирување или како уште еден симболичен чекор без продолжение?

Не би рекол дека е чекор без продолжение. Напротив. Ја гледам како уште една алка во постојаната напорна работа за повторно зближување на Црквите. Овој напор денес е поважен од кога било, кога Христијанството во многу региони се намалува или е гонето. Не сум толку наивен да верувам дека сега во Никеја ќе се случи нешто спектакуларно, како обединување на Црквите. Но важно е што постои стабилна волја за соработка од сите страни.

Исто така е значајно што, и покрај промените на Папи, продолжува од времето на Павле VI традицијата Понтифексот да го посетува Вселенскиот Патријарх и да промовира сехристијанската соработка.

Колку е зрела денес врската меѓу Православните и Католиците?

Живееме во ера каде разликите – културни, јазични, национални – веќе не се сметаат за пречка за соработка и мирно сопостоење. Ова важи уште повеќе кога зборуваме за луѓе од иста вера, Христијанството.

Во Римокатоличката Црква ќе видите огромна разновидност на јазици и литургиски традиции, без тоа да го нарушува единството под Папата. Во Православната Црква немаме Понтифекс, но ја имаме заедничката вера и мистичната заедница меѓу нас, која не се нарушува од јазични или литургиски разлики.

Парадокс е што разговараме за заедничко празнување на Велигден со Западот, додека самите Православни не успеавме да се договориме за заедничка дата на Божик. Ние, кои имаме заедничка чаша и мистично единство, сѐ уште не можеме едногласно да го празнуваме ниту Божик. Тоа покажува колку е сложено прашањето за единството.

Дали на средбата ќе се постави темата за заедничко празнување на Велигден и ќе се донесе одлука?

Темата е одамна поставена; не влегува сега за првпат. Постоеја процеси за донесување одлука, но, колку што знам, беа прекинати поради упокојувањето на Папата Франциск и изборот на нов Понтифекс.

Сметам дека е прерано новоизбран Папа да направи толку голем чекор. Веројатно ќе се одложи за подоцнежен период. Во секој случај, самата дискусија е важна, дури и ако конечната одлука доцни.

Неговата посета на Константинопол и планираната посета на Блискиот Исток, особено Либан, покажуваат дека приоритет на Ватикан останува зближување на христијаните, мирот и заштитата на христијанските заедници што страдаат таму. Тоа е јасно и нешто кон кое сите треба да придонесеме.

Извор: https://www.real.gr/koinonia/arthro/archiepiskopos-amerikis-elpidoforos-me-stochopoiisan-kentra-kai-parakentra-715919/