Архиепископот Елпидофор против осудата на Руските клирици и прогонот на Црквата во Украина

Архиепископот Елпидофор, Мајкл Помпео и архонот Ентони Лимберакис порано годинава

Избувна „граѓанска војна“ меѓу „Редот на Свети Андреј“ – Архоните на Цариградската Патријаршија, и Архиепископот Американски Елпидофор од истата патријаршија – известува англиската верзија на грчкиот медиум „Етникос Кирикс“. Судирот е поттикнат од соопштение објавено во среда, 19 ноември 2025 година, од страна на Националниот командант на Редот, архон Ентони Лимберакис. Во соопштението тој изразува осуда, наведувајќи дека: „руски православни клирици кои се поддржувачи на неправедната, неморална и монструозна војна на Владимир Путин против Украина оваа недела се среќаваат со претставници на Белата куќа и со конгресни лидери во Вашингтон“, говорејќи за средбата на православна делегација од пет јурисдикции во САД кои се застапуваа за запирање на прогонот на Украинската Православна Црква, за што известивме.

Се забележува дека д-р Лимберакис ги опишува овие руски клирици како „агенти на руската држава“, посочувајќи: „ја поттикнуваме администрацијата на Трамп да го откаже овој состанок со оние кои, суштински, се руски државни агенти, и да застане во солидарност со страдалниот украински народ и со канонската Православна Црква на Украина“.

Лимберакис исто така напиша дека: „во понеделник весникот ‘Хил’ објави дека ‘лобисти и клирици поврзани со Руската Православна Црква, која одлучно го поддржува војувањето на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, оваа недела водат кампања на Капитол Хил и се среќаваат со администрацијата на Трамп.’ Архоните го осудуваат овој измамнички обид да се легитимира употребата на Православната Црква како алатка на агресивната надворешна политика на Русија.“

„Средбата има за цел да добие американски благослов за своите погрешни тактики, кои резултираат со прогон на православните христијани во Украина. Архоните ја изразуваат својата искрена благодарност до конгресменот Џо Вилсон (Републиканец, од Јужна Каролина) кој изјави дека: ’Руската Православна Црква не е одделна религиска организација, туку продолжение на руската држава. Евангелизацијата е незаконска во Русија, а христијани се мета и се убиваат во Украина. Членовите не треба да учествуваат во оваа разузнавачка операција’.“

„Конгресменот Вилсон со право забележува дека Руската Православна Црква, вклучително и Руската Православна Црква Надвор од Русија (РПЦЗ), функционира како продолжение на руската држава, и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј повеќепати ја критикувал поради тоа.“ – напиша Ентони Лимберакис.

Ова соопштение од „Командантот на Редот“ го вознемири Архиепископот Елпидофор, бидејќи покажува дека тој целосно ја изгубил контролата врз црковните работи во Америка, до тој степен што Редот фактички ја поткопува неговата соработка со епископите од Собранието на канонските православни епископи на САД. Како одговор, во петок, 21 ноември 2025 година, беше издадено следното соопштение:

„Утрово, 21 ноември, Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Американски Елпидофор објави изјава во врска со ‘ставот на Грчката Православна Архиепископија на Америка во однос на нашите сестрински Цркви’. Пораката гласи:

‘Неодамна група православни христијани се сретнаа со законодавци во Вашингтон, за да разговараат за тековните прашања на човековите права, верските слободи и прогоните во Украина. По овие средби, се појавија гласини околу ставот на Грчката Православна Архиепископија на Америка во однос на нашите сестрински Цркви по ова прашање.

Архиепископот Елпидофор, директно обраќајќи се кон командантот на Архоните, Ентони Лимберакис, пишува:

‘Прво, дозволете ми да изразам дека не ги доживувам, ниту некогаш би ги доживеал моите браќа архијереи – или нивните официјални претставници – како агенти на странски влади. Пред само две недели, на годишниот состанок на Собранието на Епископите, заедно вечеравме и продолживме да работиме за животот на Црквата во САД. Мојата братска љубов кон сите нив останува непроменета и недопрена. Сите заедно препознаваме дека кога Црквата се заплеткува во политички прашања, го прави тоа на сопствен ризик и на ризик на своите верници.

Второ, Ви обрнувам внимание кон изјавата што сите членови на Собранието на Епископите ја усвоија на 15 септември 2024 година во врска со украинскиот Закон 3894, кој наведува дека ‘во интерес на верската слобода и владеењето на правото, се молиме украинскиот Закон 3894 да не се користи за прогон на било која религиска група во Украина, што би ја загрозило верската слобода на милиони нејзини граѓани.’ Изјавата продолжува: ‘Собранието на Епископите се моли за мирно решение на оваа инвазија што ќе ги почитува граѓанските и човековите права на сите Украинци. Собранието понатаму се моли и итно повикува на веднаш прекин на непријателствата и враќање на сите заробеници.’ Нашиот став како архијереи останува ист. Сите заедно препознаваме како православното христијанство долго време страда под национализмот и дека секое кратковидо поимање на националниот интерес ни ја заслепува долгорочната перспектива на историјата и Црквата.

Конечно, како православни христијани, мора секогаш да помниме дека сме повикани да бидеме ‘во’ светот, но не и ‘од’ светот. Со други зборови, треба да се фокусираме на градење односи и лекување рани, а не на провоцирање едни на други. Живееме во време обележано со сè поинтензивни поделби и навредливи обвинувања. Во ова, исто така, сите мои браќа архијереи во Собранието на Епископите заеднички ја препознаваат вредноста и истовремено ранливоста на нашето единство. За разлика од начинот на кој функционира светот, во Црквата секој од нас – клир и народ – треба да вежба воздржаност и да покаже чувствителност во начинот на кој се однесуваме и реагираме едни со други, ‘почитувајќи се меѓусебно повеќе од самите себе’ (Рим. 12,10).

Додека продолжуваме да се молиме ‘за мир на целиот свет’ во овој Божикен пост, ви посакувам благословен пост – исполнет со самоиспитување и духовен раст – во името на нашиот Господ и Спасител Исус Христос!’“

Се нагласува дека Редот на Архоните функционира во голема мера независно од Архиепископијата, работејќи како некаква „автономна“ организација. Духовен отец и советник на Архоните е отец Александар Карлуцос.

Извор: https://www.thenationalherald.com/civil-war-between-the-archons-and-archbishop-elpidophoros/