Архиепископот Маркел од Молдавската Црква се обрати во Обединетите нации

На 23 септември 2025 година, во Женева, за време на 60-тата редовна седница на Советот за човекови права на Обединетите нации, одржа говор Архиепископот Белцки и Фалештски Маркел од Молдавската Црква. Тој го истакна проблемот со односите меѓу Православната црква на Молдавија и властите на државата.

„Ние сме крајно загрижени за ставот на молдавската власт кон нашата вероисповед. Неодамна, претседателката на Молдавија, Маја Санду, неосновано ја нарече нашата Црква ’инструмент на влијание на Руската Федерација’“ –  изјави Архиепископот Маркел.

„Освен тоа, верниците се подложени на многу долготрајни претреси при преминување на границата, а на некои фактички им го блокираат излезот од земјата, нарушувајќи го правото на слобода на движење“ – нагласи архијерејот: „Мене трипати, без никаква основа, не ми дозволија да излезам од Молдавија“.

Според сведоштвото на Архиепископот Маркел, во Молдавија веќе има случаи на насилни обиди за пререгистрација на парохиите на Православната црква на Молдавија во друга верска јурисдикција. Во тек е судски процес за одземање на повеќе од 800 објекти на манастири и храмови од Црквата.

„Сакам да ги потсетам властите на Молдавија дека верските организации на Руската православна црква отворено дејствуваат во сите земји на Европската унија, кон која се стреми Молдавија, и никој не ги ограничува правата на верниците поради организациската и канонската врска со Руската православна црква. Барам од мандатарите на Обединетите нации да ја разгледаат положбата на верниците на Православната црква на Молдавија во рамките на нашите поднесени жалби до специјалните процедури на Обединетите нации, како и да обезбедат меѓународно дипломатско внимание кон проблемите што ги изложив, за да се промени политиката на Молдавија кон нашата Црква во согласност со меѓународните стандарди за заштита на човековите права“ – резимираше претстоителот на Православната црква на Молдавија.

Обраќањето на Архиепископот Маркел се одржа во присуство на членови на Советот за човекови права на Обединетите нации и делегации на држави-членки на Обединетите Нации и претставници на меѓународни организации.

Извор: https://gorthodox.com/news-item/arhiepiskop-markell-vystupil-v-oon-v-zashitu-prav-veruyushih-pravoslavnoj-cerkvi-moldovy