Поглаварот на Финската православна црква при Цариградската патријаршија упати повик за заедничка молитва со Римокатоличката црква

Бискупот Рајмо и Архиепископот Лав, фотографија: ort.fi

Поглаварот на Финската православна црква, која е автономна црква при Цариградската патријаршија, Архиепископот Хелсиншки и на цела Финска г.г. Лав, на 3 октомври годинава, преку официјалната интернет страница на Финската православна црква упати повик до својата паства за заеднички молитви со Римокатоличката црква во Финска.

Овој повик всушност е заедничко обраќање од Архиепископот Лав и од бискупот Рајмо на Римокатоличката црква во Финска. Поради ескалацијата на насилството на Блискиот Исток и загрозувањето на животот на голем број невини жртви, откако започна конфликтот во Газа, а по повод годишнината од започнувањето на овој конфликт, во повикот се вели:

„Ги повикуваме нашите парохии да се обединат во молитви на Литургијата и Мисата за мир оваа претстојна недела, 6 октомври. Во понеделник, 7 октомври, ќе се наврши една година од почетокот на војната во Газа. Да се обединиме тогаш, во одговор на повикот на папата Франциск, во заедничка молитва и пост за воспоставување на мирот.“

Обраќањето завршува „со желби за мир и со барање благослови од Троединиот Бог“ по што следуваат потписите на Архиепископот Лав и Бискупот Рајмо.