Архиепископот Синајски Симеон во посета на Архиепископот Атински Јероним

Новиот Архиепископ на Синај, Фаран и Раито, и игумен на манастирот „Света Екатерина“ на гората Синај, Симеон, по своето ракополагање го посети Архиепископот Атински и на цела Грција Јероним во канцелариите на Атинската Архиепископија, во Атина, на 24 октомври 2025 година.

На влезот беше пречекан од протосингелот на Атинската архиепископи, Преосвештениот Епископ Христополски г. Варнава. Веднаш потоа, Архиепископот Јероним во особено топла атмосфера го пречека Архиепископот Синајски и му посака да се надминат сите потешкотии и да се решат прашањата кои се однесуваат на овој манастир.

Архиепископот Симеон му се заблагодари на Архиепископот Јероним и преку него на целата Црква на Грција за поддршката и помошта што ја пружаат.

Во своите изјави, двајцата архиепископи се осврнаа на добрата комуникација и соработка што ја имале досега.

„Направени се добри чекори, и да се помолиме за уште подобри резултати“ – истакна Архиепископот г. Јероним, додавајќи: „По многу тешкотии и проблеми, но со Божјата благодат, го прославуваме доаѓањето на игуменот Симеон од историскиот манастир на Синај.“ Посебно се осврна и на начинот на решавање на прашањата и од страна на Црквата, и од страна на Државата.

„Сметав за неопходно да ги побарам Вашите молитви по моето ракополагање и пред моето востоличување,“ рече со чувства на радост и почит новиот Архиепископ на Синај г. Симеон.

„Стапивме на почвата на нашата највозљубена татковина како премин на патот кон Египет за неколку дена, за востоличувањето на 31 октомври,“ рече со радост и додаде дека „дојдовме да вкусиме малку од љубовта на Архиепископот Јероним, да ја подражаваме неговата кроткост и мирниот начин на решавање на големи прашања, бидејќи токму тоа ќе бидат нашите оружја при секоја тешкотија што ќе се појави.“

На средбата, која траеше повеќе од еден час, присуствуваше и протојерејот Емануил Папамикрулис, секретар на Синодската комисија за меѓуправославни и меѓухристијански односи на Црквата на Грција.

Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=3946