Архиепископот Теодосиј од Ерусалимската патријаршија во одбрана на Украинската Православна Црква

Архијереј на Ерусалимската патријаршија, архиепископот Севастиски Теодосиј (Хана), на 25 септември 2025 година објави јавно обраќање во одбрана на Украинската Православна Црква. Ова обраќање, кое го пренесоа неколку црковни медиуми, во продолжение го објавуваме во целост.


Бараме итни и насочени активности за прекин на прогонот на коj е изложена Украинската Православна Црква.

Додека ја преживуваме трагедијата во Газа и огнено се молиме за прекин на војната таму, во овие тешки денови го насочуваме погледот и кон Украина, каде што во последно време се засилија кампањите со прогони и напади, чија цел е да се поткопа положбата на Украинската Православна Црква, единствената канонска православна Црква во земјата, која ја возглавува Неговото Блаженство митрополитот Онуфриј.

Многу архијереи, свештеници и верници на оваа Црква упатија итни повици за помош, бидејќи се случуваат заземања на храмови, апсења на свештенството, притисоци врз архијереите, пред сѐ врз самиот митрополит Онуфриј, како и врз други јерарси кои се изложени на разни видови прогон, како вообичаени, така и невидени досега.

Режимот на Зеленски се стреми кон прогонување на оваа Црква со цел да наметне постоење на друга „црква“, која во суштина не е црква и која ние на никој начин не ја признаваме.

Нашето признавање ѝ припаѓа само на канонската Украинска Православна Црква и на нејзиниот претстоител, митрополитот Онуфриј. Ние не признаваме никаква друга структура, создадена со цел да се поткопа положбата на единствената законска и канонска Црква.

Повиците за помош кои доаѓаат од епископите на оваа Црква мора да бидат слушнати насекаде, вклучувајќи ги и Обединетите Нации, каде што денес се наоѓа Зеленски. Исто така, им се обраќаме на сите Цркви во светот со повик да го кренат својот глас и да бараат прекин на овие прогони без преседан и притисоци насочени против древната Црква, чија историја е нераскинливо поврзана со историјата на Украина и нејзиниот народ.

Ја изразуваме нашата солидарност со Неговото Блаженство митрополитот Онуфриј и со сите архијереи, особено со оние кои се изложени на директни прогони и досега невидени репресии, и кои упатија повик за помош на сите светски јазици, за тие гласови да стигнат таму каде што треба.

Вознесуваме молитви во Ерусалим, кај Светиот Гроб, за оваа исповедничка и страдална Црква, која е изложена на напади од непријателите на православната вера. Непријателите на оваа Црква се непријатели на целата Соборна Православна Црква.

Не можеме да прифатиме постоење на „алтернативна“ Црква или каква била фалсификувана црковна формација, зашто историската и древна Црква на Украина е позната по своите манастири, храмови, верници, по својот митрополит, сите нејзини епископи, свештенство, монаси и монахињи.

Им се обраќаме на христијанските Цркви од целиот свет, на организациите за човекови права и на меѓународните структури, со итен повик – да преземат напори за прекин на дејствата на Зеленски и неговата влада против оваа Црква. Не смееме да се помириме со тие нарушувања и прогони.

Теодосиј Хана, архиепископ Севастиски
Ерусалимска Православна Црква
Ерусалим, 25 септември 2025 година

Извор: https://www.facebook.com/share/p/1J7mABxmWH/ преку: https://t.me/religiontoday/2048