Архијерејски Собор на Црквата на Грција: свештениците на интернет и осаменоста

Со излагањето на митрополитот Неа Смирниски г. Симеон на тема „Нерешеното прашање за ракополагањето во епископски чин на избраниот епископ Астериј г. Христодул Коцфи“ и со разговорот за прашањето за избор на помошни епископи, на 8 октомври 2026 година завршува редовното заседание на Светиот Собор на Црквата на Грција за 2026 година.

Во врска со ракополагањето во епископски чин на избраниот епископ Астериј, кое е нерешено веќе две години, по излагањето на митрополитот Симеон ќе следи дискусија, по што ќе биде донесена одлука.

Пастирска грижа за осаменоста

На 7 октомври, на вториот ден од заседанието, беа презентирани две излагања од особен интерес, бидејќи се осврнаа на пастирски прашања карактеристични за нашето време. Преосветениот митрополит Сирски, Тиноски, Андроски, Кејски, Милоски, Дилоски и Миконосски г. Доротеј го прочита своето излагање на тема „Пастирската грижа за осаменоста и психичката исцрпеност во современото општество“.

Митрополитот го подели своето излагање на две основни целини, а во третата и последна целина предложи на национално ниво да се разгледаат следните иницијативи:

  1. Создавање парохиски групи за посета и поддршка на осамени, болни и постари луѓе.
  2. Зајакнување на програмите за младите, со нагласок на создавање вистински заедници на односи, а не само повремени активности.
  3. Организирање стручни семинари за свештеници и мирјански соработници на теми поврзани со менталното здравје, семејното насилство, врсничкото насилство и превенцијата на самоубиства.
  4. Институционална соработка со научни организации, универзитетски установи и центри за ментално здравје.
  5. Создавање црковни центри за слушање, советување и упатување кај стручни лица, кога тоа е потребно.
  6. Зајакнување на камповите, културните и волонтерските програми кои ја поттикнуваат социјализацијата, одговорноста и ангажираноста на младите.
  7. Систематско присуство на Црквата во дигиталниот простор, со збор на вистината, дијалогот, утехата и надежта.
  8. Зајакнување на пастирската грижа за семејството, со цел да им се даде поддршка на самохраните родители, невработените, ожалостените и оние кои доживуваат социјална исклученост.

Во завршницата на своето детално излагање, г. Доротеј истакна дека проблемот со осаменоста во современото општество не е само социолошки или психолошки феномен, туку има длабоко духовен карактер и затоа човекот, сè додека го живее христијанскиот живот, никогаш не е сам.

Тој истакна дека најголемиот предизвик на нашето време, во кое се присутни појавите на осаменост и психичка исцрпеност, е исцелувањето на нарушените односи. Единствено Црквата може да ги исцелува тие односи, бидејќи го поседува бесценетиот дар на заедницата на човекот во Христа.

Присуството на свештениците на интернет

Потоа своето излагање на тема „Зголеменото присуство на свештенството на интернет“ го прочита Преосвештениот митрополит Халкидски, Истиејски и на Северните Споради г. Хризостом.

На почетокот тој истакна дека интернетот денес претставува објективна реалност во нашиот живот и дека зголеменото присуство на свештенството во дигиталниот простор создава позитивни и негативни ставови, а понекогаш и загриженост.

Откако детално ги наведе позитивните и негативните страни на користењето на интернетот од страна на свештенството, тој истакна дека тоа ја наметнува потребата од создавање рамка на пастирски принципи за користење на интернетот од страна на свештенослужителите. Според него, ниту некритичкото прифаќање на интернетот, ниту неговото отфрлање заради страв, кое би довело до општа забрана на социјалните мрежи, не се правилни. Потребни се будност, но и „добродетелта над добродетелите: расудувањето“.

Потоа ги предложи основните принципи за дигиталното присуство на свештенството:

  1. Свештеникот останува свештеник и на интернет.
  2. Секој свештеник не претставува самостоен црковен авторитет, па затоа неговото јавно присуство треба да го изразува неговиот црковен однос со епископот и со помесната Црква или со Светиот Синод.
  3. Свештеникот треба самокритички да разбере дека нема потреба јавно да се произнесува за секое прашање и секој настан.
  4. Ниту една информација не треба да се споделува без претходна проверка, особено кога се однесува на лица или на сериозни општествени и црковни прашања.
  5. Ниту една јавна расправија не оправдува навреди, потсмевање, јавно посрамување или лично омаловажување.
  6. Доверливите пастирски односи не треба да се претвораат во материјал за јавно објавување.
  7. Потребно е особено внимание при личната дигитална комуникација.
  8. Дигиталното дејствување не треба да гради личен „бренд“ или култ на личноста на свештеникот, туку да упатува кон Христа и кон Црквата.
  9. Интернет-комуникацијата, каде што е можно, треба да води кон вистинска средба, кон парохијата, кон богослужбениот живот и кон заедницата на личности.
  10. Конечно, потребна е и основна обука на свештенството за дигитална комуникација, не за да се претворат во професионалци за комуникации, туку за да знаат како функционираат дигиталните платформи, како се создаваат механизмите на зависност и поларизација, какви нови проблеми создава вештачката интелигенција и слично.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_ellados/ierarxia-2026-oloklironei-to-ergo-tis-me-to-ekkremes-zitima-tis-xeirotonias-asteriou-kai-syzitisi-gia-tin-eklogi-voithon-episkopon/