Архијерејски Собор на СПЦ: канонизација на „блажената Стојна“, разрешен митрополитот Јустин и најавен православен универзитет „Свети Сава“

Во храмот „Свети Сава“ во Белград, од 13 до 19 мај 2026 година, се одржа редовното заседание на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква, под претседателство на Неговата Светост Српскиот Патријарх Порфириј.

Работата на Соборот започна со света архијерејска Литургија и призив на Светиот Дух, а во поздравното слово Патријархот Порфириј нагласи дека црковниот поредок – „тáксис“ – не е ограничување на слободата, туку израз на соборноста и хармонијата во Телото Христово. Тој повика архијереите да не бидат водени од медиумски притисоци и поделби, туку од духовна одговорност, љубов и верност кон канонскиот поредок на Црквата.

На заседанијата беа разгледани извештаите за работата на Светиот Архијерејски Синод, епархиите, црковните установи, добротворните организации и образовните институции на Српската Православна Црква, со посебен акцент на состојбите во дијаспората, особено во САД, Австралија и на Британските Острови.

Една од најзначајните одлуки на Соборот е прибројувањето кон Ликот на Светите на монахињата Јефимија Девичка, во народот позната како „блажената Стојна“ (Зариќ), упокоена во 1895 година, чие прво житие го има напишано уште владиката Николај Охридски и Жички. Нејзиниот празник ќе се одбележува секоја година на 28/15 февруари.

Соборот посвети големо внимание и на прашањето на црковното образование. Усвоена е нова Уредба за богословиите, како и нови наставни програми за четиригодишното школување. Истовремено, беше најавено дека Академијата за уметности и конзервација на Српската Православна Црква ќе биде издигната на ниво на факултет под името „Деспот Стефан Лазаревиќ“.

Особено внимание предизвика иницијативата за основање српски православен универзитет „Свети Сава“. Соборот оцени дека таквиот универзитет ќе претставува продолжение на светосавската образовна традиција, во која образованието не се разбира само како стекнување знаење, туку и како духовно и морално изградување.

Архијереите расправаа и за состојбата на Косово и Метохија, изразувајќи загриженост поради најавените законски мерки кои, според Соборот, можат да го загрозат опстанокот на српските образовни и здравствени институции, како и животот на верниот народ и монаштвото. Соборот даде целосна поддршка на Митрополитот Рашко-призренски Теодосиј, свештенството и монаштвото во нивните напори за зачувување на духовниот и историскиот идентитет на српскиот народ во покраината.

На заседанијата детално била разгледана и состојбата во Жичката Епархија. По анализата на финансиското работење и управувањето со епархијата, Соборот донел одлука за разрешување на Митрополитот Жички Јустин од понатамошно управување со епархијата.

Соборот се осврнал и на страдањата на Украинската Православна Црква, осудувајќи ги, како што се наведува, прогонот на архијереи, свештеници и монаси, како и одземањето храмови и манастири од страна на украинските власти. Архијереите упатиле апел до меѓународните институции да реагираат и да ги заштитат верските и човековите права на канонската Црква во Украина.

Во рамките на заседанието беше отворена и изложбата „Свети Сава“ во Галеријата на Српската академија на науките и уметностите, по повод 850 години од раѓањето на Растко Немањиќ – Свети Сава.

Соборот упати честитки и до новоизбраниот Грузиски Патријарх-Католикос Шио (Симеон).

Внимание беше посветено и на односите со другите Православни Цркви и на предизвиците од неканонските религиски групи на територијата на Српската Православна Црква.

На крајот од заседанието беше извршена и делумна промена во составот на Светиот Архијерејски Синод. Мандатот им заврши на Митрополитите Фотиј и Теодосиј, додека за нови членови беа избрани Митрополитот Шумадиски Јован и Митрополитот Тимочки Иларион.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//16705.saopstenje-za-javnost-svetog-arhijerejskog-sabora-.html