Архимандритот Никанор под забрана за свештенодејствие

На 29 јули 2026 година Софиската митрополија на Бугарската Православна Црква извести дека со одлука бр. 134 од 28 јули 2026 година на Неговата Светост, Софискиот митрополит и Бугарски патријарх Даниил, на архимандритот Никанор му е изречена мерка забрана за свештенодејствие.

Во објаснувањето за оваа одлука се дава следното образложение за изречената мерка: „Поради однесување неспоиво со свештеничкиот чин и монашките завети на послушност, како и поради постапки што го поткопуваат авторитетот на Црквата, а врз основа на член 95, точка 19 и член 139, став 2 од Уставот на Бугарската Православна Црква“ (БПЦ).

Понатаму во соопштението се вели: „Исто така, соопштуваме дека, врз основа на член 81 и член 95, точка 18 од Уставот на БПЦ – БП и член 12 од Правилникот за судската постапка на црковните судови на БПЦ, против архимандрит Никанор (Христо) Христов Мишков е поведена црковно-казнена постапка бр. 2/2026, според евиденцијата на Софискиот епархиски суд.“

Во приложната одлука е објаснето дека по објавата на неговиот личен профил (Archimandrite Nikanor) на социјалната мрежа „Мета“ („Фејсбук“), под наслов „Официјално соопштение“, во Софиската света митрополија е примена молба од православни христијани – клирици и мирјани, членови на Бугарската православна црква. Во молбата се наведуваат причини дека објавата на архимандрит Никанор го нарушува авторитетот на Бугарската Црква и достоинството на Бугарскиот патријарх, со што предизвикува тешка соблазна меѓу верниците, поттикнува непочитување кон воспоставената црковна власт и создава опасност од поделба и немир во црковната заедница. Во врска со тоа се бара поведување црковно-казнена постапка за извршени црковни престапи.

Ова не е првпат на архимандритот Никанор да му биде изречена мерка „забрана за свештенодејствие“, слична времена одлука имаше и лани, како што известивме.

Во продолжение е преводот на одлуката на Бугарската Православна Црква.


Бугарска Православна Црква – Бугарска Патријаршија
Софиска света Митрополија

Одлука бр. 134

Софија, 28 јули 2026 година

Во врска со објавата од 28 јули 2026 година на Неговото Високопреподобие архимандрит Никанор (Христо) Христов Мишков, клирик на Софиската епархија и игумен на Црногорскиот манастир „Св. бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан“ кај селото Гигинци, општина Брезник, Перничка област, Трнска духовна околија, Софиска епархија, на неговиот личен профил (Archimandrite Nikanor) на социјалната мрежа „Мета“ („Фејсбук“), под наслов „Официјално соопштение“, во деловодството на Софиската света митрополија на 28 јули 2026 година е примена молба од православни христијани – клирици и мирјани, членови на Бугарската православна црква – Бугарска Патријаршија (БПЦ–БП), од Софиската епархија.

Во молбата се наведуваат причини дека објавата на архимандрит Никанор го нарушува авторитетот на БПЦ–БП и достоинството на Бугарскиот патријарх, со што предизвикува тешка соблазна меѓу верниците, поттикнува непочитување кон воспоставената црковна власт и создава опасност од поделба и немир во црковната заедница. Во врска со тоа се бара поведување црковно-казнена постапка за извршени црковни престапи.

Врз основа на член 81 и член 95, точка 18 од Уставот на БПЦ–БП и член 12 од Правилникот за судската постапка на црковните судови на БПЦ–БП, е поведено Црковно-казнено дело бр. 2/2026 по списокот на Софискиот епархиски суд.

Во врска со наведеното, а врз основа на член 95, точка 19 и член 139, став 2 од Уставот на БПЦ–БП, му изрекуваме „аргос“ – целосна забрана за свештенослужење во траење од 15 дена на архимандрит Никанор (Христо) Христов Мишков, сметано од 29 јули 2026 година.

Оваа одлука да му се достави на архимандрит Никанор (Христо) Христов Мишков за извршување. Заповедта да биде објавена на официјалната интернет-страница на Софиската света митрополија за запознавање на црковната јавност.

Извор: https://mitropolia-sofia.org/2026/07/29/изявление-на-софийската-света-митроп-3/