На 11 септември годинава, Неговото Блаженство Архиепископот Атински и на цела Грција г.г. Јероним, отслужи водосветот по повод почетокот на новата учебна година, во училиштето „Богомајка“, во Илиуполи, Атина.
По службата, Архиепископот Јероним се осврна на Евангелското зачало што беше прочитано и им упати татковски желби и поуки на учениците и родителите. Говореше и за тешкотиите со кои се соочуваат децата, повикувајќи ги родителите и наставниците да бидат покрај младите со грижа, трпение и сочувство. Тој исто така советуваше да се побара Божјата Мудрост, бидејќи постојат два вида мудрост, човечката и божествената. „Човечката мудрост доаѓа од знаењата, искуствата, образованието,“ истакна архиепископот, додавајќи дека „таа сама по себе не е доволна. Потребна е и мудрост одозгора, таа што го осветлува човекот. Кога овие две мудрости ќе се спојат, тогаш е постигнат најдобриот резултат.“
Истовремено, во својата порака до учениците од основните училишта, архиепископот нагласи: „Во училницата ќе стекнете нови искуства, знаења и вештини, но ќе се соочите и со нови предизвици. Сето тоа ве подготвува подобро да се справувате со животот. Не плашете се од предизвиците. Верувајте во себе. Кажете си дека можете да успеете, доволно е да се потрудите. Кога ќе направите грешка, размислете што сте научиле од неа, за да не ја повторите. Не плашете се од грешките. И тие се дел од нашиот живот. Запомнете дека само Христос, нашиот Господ и Бог, не прави грешки. Пристапувајте кон вашите соученици со љубов. Соработувајте меѓусебно со разбирање и меѓусебна почит. Запомнете дека секој човек е различен, но сите сме еднакви како деца на истиот Бог Отец. Однесувајте се кон вашите соученици онака како што би сакале тие да се однесуваат кон вас. Ако некое дете ве растажи, наместо да се карате, подобро е да му кажете како сте се почувствувале поради неговото однесување. Љубете ја вистината и правдата. Однесувајте се со почит кон себе, кон другите луѓе и кон природата, која со љубов ја создаде нашиот Творец и Бог.“
Исто така, во својата порака до учениците од средните училишта, архиепископот подвлече: „Во време кога треба повторно да разгледаме многу од она што го сметаме за очигледно, она што можеме да го направиме е да го претвориме нашето училиште во жариште на мир и помирување, солидарност и заедничко патување. Во училиште каде насилството нема место. Не знам дали можеме да ги запреме војните во светот, но сигурно можеме да спречиме војната да навлезе во нашето училиште. Училиштето е место на средба со различни луѓе. Од тоа колку сме подготвени да ги прифатиме сите, без разлика дали се согласуваме или не со нив, но сепак ги прифаќаме нивното присуство, започнуваат мирот или војната, љубовта или насилството. Заедно со жедта за знаење и научно образование, оваа година да ги направиме нашите училишта лаборатории за мир, бели дробови на слободата, извори на братство и тимска работа.“
На крајот, во својата порака до наставниците, тој рече: „Знам дека вашата работа станува сè потешка, често во неподносливи и економски неповолни услови. Вистина е, никој не станал наставник за да се збогати. Сите вие сте водени од еден, би рекол, херојски порив: да ѝ помогнете на новата генерација да се образува, но и да созрее емоционално и социјално, да изгради здрави врски со училиштето, но и со пошироката заедница во која живее.“
Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=3780