Митрополит Марко Берлински: На чело на ПЦУ стои мирјанин

Поглаварот на Германската епархија на Руската задгранична Православна Црква, Митрополитот Берлински и Германски Марко, изјави дека поглаварот на ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија) нема ниту свештеничка, ниту епископска хиротонија.

Митрополитот Берлински и Германски Марк, во интервју за германската редакција на Сојузот на Православни Журналисти, помеѓу останатите теми на разговор, ја коментираше и ситуацијата со црковната состојба во Украина. Според него, вмешувањето на Константинополската Црква завршило со тоа што таа доделила Томос за автокефалија на расколничка структура.

Митрополитот Марк обрна особено внимание на тоа дека на чело на таа структура бил поставен мирјанин – човек „кој нема ниту свештеничка, ниту епископска хиротонија“.

„Како да се надмине оваа схизма – денес е невозможно да се каже. Но вистината ќе победи“, нагласи архиерејот. Одговарајќи на прашањето како верниците на Украинската Православна Црква да ја одржат својата вера во време на војна и притисоци, митрополитот истакна:

„Свети Григориј Богослов во свое време беше единствениот православен епископ во Константинопол. И тој таму имаше само една мала црква. Сите останати цркви беа во рацете на еретиците. Кон него беа сомничави, го клеветеа и го прогонуваа мнозина, вклучително и оние што беа на власт“, потсети митрополитот Марко. „Со цврсто и недвосмислено чување на вистинската вера тој победи, неговото богословие однесе победа и го определува Православието низ вековите. Така, на крајот, беше утврдена вистината.“

„Затоа никој не треба да биде малодушен или да губи надеж. Бог ги чува своите чеда, дури и кога борбата во дадениот момент изгледа нерамноправна, кога еретиците и расколниците се во мнозинство. Вистината веќе во себе ја носи победата, дури и ако таа надворешно не е видлива“, нагласи архијерејот.

Извор: https://spzh.eu/ru/news/91601-mitropolit-berlinskij-vo-hlave-ptsu-stoit-mirjanin