„Безопасни“ средби или позадина за една нова автокефалија?

Грчкиот црковен портал „Ромфеа“ објави текст во кој се анализираат прашањата отворени во неодамнешното соопштение од Руската служба за надворешно разузнавање, за кое известивме. За врските помеѓу Фанар и самопрогласената „Црногорска Православна Црква“ претходно пишуваше и Украинскиот Митрополит Лука.

Во продолжение го пренесуваме новото известување и анализа од „Ромфеа“.


Неодамнешното соопштение на Руската служба за надворешно разузнавање против Вселенскиот патријарх г. Вартоломеј остави силен впечаток, не само поради неговата содржина, туку и поради неговиот тон. Иако тонот е за осуда, не може да се смета дека содржината нема допирни точки со процесите што, тивко но сигурно, се бележат во црковниот простор.

Многумина побрзаа напишаното да го припишат исклучиво на добро познатата реторичка конфронтација меѓу Москва и Фанар, но неодамнешните потези во Црна Гора и Рим покажуваат дека во позадината се обликуваат услови што заслужуваат повнимателно читање.

Присуството на таканаречениот „Митрополит“ Борис Бојовиќ од самопрогласената Црногорска Православна Црква во Ватикан (во јануари 2026 година) беше забележано како уште една посета. Сепак, од фотографиите што беа објавени се виде дека Борис имал средба и со Финскиот Архиепископ Илија, архијереј кој припаѓа на Вселенската патријаршија, што можеби додава еден елемент кој тешко може да се игнорира.

Според сè, изгледа самиот „Митрополит“ Борис не се обидува да се крие. Неговите изјави дека доделувањето автокефалија или автономија од страна на Вселенската патријаршија би било „историски настан“ за Црна Гора, суштински потврдуваат дека можеби постои отворен канал на комуникација. Ваквите изјави најчесто не се даваат во празно, обично тие го подготвуваат теренот за јавноста да не биде изненадена кога ќе дојде времето за официјалните соопштенија.

Во истиот контекст, неизбежно се сеќаваме на 2019 година и на сослужувањето во Киев, кога Митрополитот Халкидонски Емануил од Цариградската Патријаршија, близок соработник на Патријархот Вартоломеј, се најде во истиот олтар со Борис. Тогаш Митрополитот Емануил појасни дека имало толку многу клирици на сослужувањето, што тој не можел да знае со кого сослужува, иако „злобните јазици“ велат дека постоел директен контакт помеѓу нив, само што не очекувале дека фотограф ќе ги овековечи.

Контактите во Рим, средбите со архијереи на Вселенската патријаршија и постојаното повикување на Киев како преседан, создаваат еден образец што не поминува незабележано. Дали станува збор за природен црковен развој или за процес со пошироки импликации, тоа е нешто што времето ќе го разјасни. Засега, единственото сигурно е дека овие потези не остануваат незабележани, а иднината ќе покаже дали станува збор за директен чекор кон ослабување на Српската патријаршија.

Извор: https://www.romfea.gr/katigories/10-apopseis/74493-athoes-episkepseis-kai-paraskinio-mias-neas-aftokefalias