Епархијата рашко-призренска на Српската православна црква на 20 мај 2025 година поднесе нова кривична пријава против Никола Џуфка во Подуево. Пријавата беше поднесена до обвинителството во Подуево во присуство на претставници на ЕУЛЕКС, откако Џуфка повторно насилно влегол во храмот „Св. Архангел Михаил“ во селото Ракитница, објект од 14 век во сопственост на Српската православна црква
Според наводите во пријавата, Џуфка – инаку државјанин на Албанија и самонаречен „православен свештеник“ – на 18 мај годинава на својата Фејсбук страница објавил дека влегол во црквата – и покрај тоа што Епархијата претходно го сменила катанецот – и извршил таканаречен „верски обред“.
Притоа, храмот „Св. Архангел Михаил“ во Ракитница го прогласил за „Манастир Св. Албан“.
Ова не е првпат Џуфка да влегува во истиот верски објект.
Загрижувачка активност што станува навика
Првата провала и противправно заземање се случиле на 28 ноември 2023 година, кога Џуфка го нарекол храмот „Црква на Фан Ноли“. Тогаш, во придружба на околу дваесет соработници, по таканаречениот „обред“, се фотографирал пред црквата со албанско знаме, кое исто така било дел од обредот.
Епархијата тогаш повторно го освети осквернавениот храм и постави нов катанец во присуство на полицијата, ЕУЛЕКС и ОБСЕ. Тие се обиделе да поднесат кривична пријава до косовската полиција, но пријавата на Епархијата била одбиена.
Поради тоа, пријавата била доставена директно до обвинителството и ги опфатила делата предизвикување верска омраза и противправно заземање туѓа сопственост, според членовите 141.3 и 320 од Кривичниот законик.
Иако обвинителството на 27 мај 2024 година поднело обвинение против Џуфка, а сослушувањето било одржано во октомври истата година, Епархијата рашко-призренска не добила покана да учествува како оштетена страна во процесот. Основниот суд во Приштина на 14 декември 2024 ја отфрли обвинителната пријава, а ден порано, на 13 декември, обвинителството поднесе жалба. Постапката сè уште е во тек и не е завршена.
Од Епархијата истакнуваат дека Џуфка, и покрај тоа што против него се води кривична постапка, неодамна повторно провалил во црквата, поставил свој катанец и закачил слики на ѕидовите, нанесувајќи материјална штета на градбата од 14 век.
Претставниците на СПЦ веднаш реагирале, ги отстраниле сликите и го вратиле сопствениот катанец.
Кој е Никола Џуфка?
Според податоците на Епархијата рашко-призренска, Никола Џуфка лажно се претставува како свештеник на „Албанската национална православна црква“, непостоечка организација која не е призната од ниту една канонска православна црква.
Дури и канонската Православна црква на Албанија, татковината на Џуфка, јасно и официјално се изјаснила дека Џуфка е самонареченик и фанатик, кој не припаѓа на ниту една православна црква.
Џуфка минатата година сам се прогласил за „Епископ на Косово“, а годинава на Велигден, на приватен собир во една куќа во Приштина, и за „Поглавар на Митрополијата на Косово“.
Нема потреба дополнително да се истакнува дека станува збор за самонаречена „црква“ без каква било правна или канонска тежина.
Загрижувачко (не)реагирање на надлежните?
Како оние што ги следеле досегашните случаи, можеме да заклучиме дека надлежните органи очигледно не реагираат, или реагираат неадекватно и недоволно.
Во конкретниот случај, Епархијата рашко-призренска истакнува дека како оштетена страна не добила ни можност да учествува во судскиот процес против Џуфка, кој за неа е од суштинско значење.
Кривичното дело не било правилно квалификувано, бидејќи ниту клучните факти не биле адекватно претставени, што има реални последици во правната постапка.
Со тоа, постапката била претворена во истрага на правото што СПЦ го има врз сопствените верски објекти, што дополнително ја намалува сериозноста на инцидентот, стои во соопштението на Епархијата. Тоа ја поткопува и положбата на СПЦ, а со тоа и на српскиот народ и српското културно наследство на Косово и Метохија. Тоа, во најмала рака, отвора врата за историски фалсификати кои лесно можат да резултираат со опасни практики и политички и квазиправни постапки.
Ставот на Епархијата рашко-призренска
По повод повторниот упад во црквата „Св. Михаил“, од Епархијата изразија длабока загриженост поради неадекватната реакција на правосудните органи. Според нивно мислење, институциите не ги идентификувале сите учесници во упадот, не ја признале СПЦ како оштетена страна и на тој начин овозможиле правен вакуум во кој ваквите постапки се повторуваат без санкции.
Црквата истакнува дека овој случај е показател за ризикот по верските слободи и културно-историското наследство, бидејќи охрабрува поединци да постапуваат противзаконски без страв од последици. Уште еден пропуст на надлежните институции ќе претставува само ветар во грб за екстремистите и националистите кои отворено се стремат да присвојат верско наследство на Српската православна црква.
По тој повод, СПЦ апелира до меѓународните и локалните институции – вклучувајќи ги ЕУЛЕКС, ОБСЕ, УНМИК и други – сериозно да го сфатат овој случај и да го спречат понатамошното загрозување на верските објекти на СПЦ на Косово и Метохија.
Извор: https://savezpn.rs/zashhita-very/85048-bezakoe-i-vandalizam-na-kim-slucha-pseudosveshtenika-ufke
