Илјадници Бугари во Софија ги пречекаа посмртните останки на цар Самуил. Во центарот на Бугарската престолнина се одржа специјална државна церемонија по тој повод, насловена „Бугарија го пречекува цар Самуил“, беше интонирана бугарската химна и беа испукани 21 артилериски плотун.
Претходно во текот на денот, државна делегација предводена од премиерот Румен Радев го посети Солун за церемонијата на предавањето на останките. На церемонијата таму учествуваа грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и министерката за култура Лина Мендони.
Свечената церемонија продолжи со поворка до храмот „Света Софија“, каде што беше отслужена панихида. Богослужбата ја предводеше Неговата Светост Бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Даниил, во сослужение со митрополитите: Великотрновски Григориј, Варненски и Великопреславски Јован, Неврокопски Серафим, Старозагорски Кипријан, Врачански Григориј, Доростолски Јаков, Видински Пахомиј и Браницки епископ Јован – прв викар на Софискиот митрополит и свештеници од престолнината.
По панихидата, посмртните останки на царот беа положени во мермерен саркофаг.
Во својот говор по заупокоената богослужба, Неговата Светост рече:
„Собрани заедно пред посмртните останки на цар Самуил, смирено да Му заблагодариме на Бога за можноста да ја имаме меѓу нас – за вечна сенародна почит и поклонение – оваа вистинска светиња на нашето државно, црковно и народно сеќавање, која од денес и понатаму ќе почива во древната базилика, украсот и духовното срце на нашиот престолен град – светиот храм на Божјата Премудрост, сведок на илјадагодишната христијанска историја на нашата денешна престолнина и на нашиот православен народ.“
Патријархот Даниил изрази благодарност до големиот грчки архитект, археолог и византолог – блаженоупокоениот професор Николаос Муцопулос, кој прв ги идентификувал посмртните останки на великиот Самуил и прв јавно проговорил за нив, како и до сите музејски работници и стручњаци кои се грижеле за оваа реликвија – сите години од нејзиното откривање во далечната 1965 година до денес – и го направиле потребното за таа денес достоинствено и соодветно сочувана да може да пристигне кај нив.
„За бугарскиот народ цар Самуил засекогаш ќе остане како светол и величествен лик, а за Христовата Црква – како нејзин верен син, кој живеел со вера во Бога и со надеж во Неговата поддршка и во Неговото благопромислително устроение за секого и за сите. Од она што денес го знаеме за неговиот живот, јасно се гледа неговата преданост кон Црквата и свеста дека сè во животот на човекот, секоја наша одлука и дејство, се извршува непосредно пред погледот на Оној Кој гледа од небесата и „ги гледа сите синови човечки“, и Чиј поглед е „над оние што се бојат од Него и што се надеваат на Неговата милост“ (Пс. 32, 13-18)“ – рече уште поглаварот на Бугарската Црква.
На церемонијата присуствуваа и поранешните претседатели Петар Стојанов (1997–2002), Георги Прванов (2002–2012), Росен Плевнелиев (2012–2017), градоначалникот на Софија Васил Терзиев, како и вицепремиерите Галаб Донев, Атанас Пеканов и Александар Пулев, поранешните премиери Сергеј Станишев, Бојко Борисов и Кирил Петков, како и политички лидери, пратеници, европратеници, претставници на дипломатскиот кор, високи воени лица, претставници на државни институции, општински советници, претставници на верските заедници и илјадници граѓани.
Заедно со останките на цар Самуил, Бугарија ги добива и останките откриени во уште два саркофага во базиликата „Свети Ахил“. Се претпоставува дека тие му припаѓаат на цар Гаврил Радомир и на други членови на царското семејство.
Царот Самуил (958-1014) е средновековен владетел. Седиштето на неговата држава било најпрвин во Преспа, а потоа во Охрид. Како што потврдува и светски познатиот византолог Георгиј Острогорски, Самуиловата држава се нарекувала Македонска.





















Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/bulgaria-posreshtna-tlennite-ostanki-na-tsar-samuil
