Бугарија: Литија по повод 1700 години од наоѓањето на Чесниот Крст

Неговата Светост Бугарскиот Патријарх Даниил на 12 септември 2026 година, ја предводеше литијата низ улиците на Софија, во која беше носена светиња со дел од Чесниот Крст. Литијата беше дел од дводневното одбележување на 1700-годишнината од наоѓањето на Чесниот и Животворен Крст Христов.

Свеченостите започнаа на 12 септември со Мала вечерна во храмот „Воздвижение на Чесниот Крст“, по што тргна литија кон Патријаршиската катедрала „Свети Александар Невски“, известува Бугарската Патријаршија.

Литијата ја предводеше Патријархот Даниил, заедно со Ловчанскиот митрополит Гавриил, Браничевскиот епископ Јован, прв викар на Софискиот митрополит, Велбуждскиот епископ Исак, втор викар на Софискиот митрополит, Константискиот епископ Михаил, викар на Ловчанскиот митрополит, и Знеполскиот епископ Мелетиј, ректор на Софиската духовна семинарија.

Во литијата, на која беше носена светиња со дел од Чесниот Крст Христов, се придружија десетици христијани од Софија и од целата земја, како и претседателката на Бугарија, Илијана Јотова. Литијата пристигна пред катедралата „Свети Александар Невски“ нешто пред 19 часот, каде што потоа беше отслужено бдение, со кое началствуваше Мелничкиот епископ Герасим.

Во своето обраќање Патријархот Даниил истакна дека христијаните Му се поклонуваат на Бога за сите Негови благодати, а пред сè затоа што Он толку го возљуби светот што Го испрати Својот Единороден Син, за секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Тој рече дека Христос, доаѓајќи во светот, ги прими врз Себе сите околности на човечката природа и стана вистински човек.

Патријархот Даниил истакна дека секој човек може самиот да види дека борбата против злото во нас е најтешката борба, а борбата против гревот е најсилната борба, при што ѓаволот е најголемиот непријател на човештвото.

„На Крстот Господ го победи непријателот на човечкото спасение, и оваа борба е најважната што се водела на земјата, со која Господ го победи првобитниот непријател на човештвото“, рече Неговата Светост.

Патријархот им се заблагодари на свештенството и на православните христијани кои учествуваа во литијата по повод 1700-годишнината од пронаоѓањето на Чесниот Крст. Тој истакна дека, како што литијата минуваше низ улиците на градот и преку силата на Чесниот и Животворен Крст ги осветуваше воздухот, зградите и просторот, така се надева дека Господ ќе ги просветли умовите и срцата на сите што живеат во Софија и меѓу верните ќе ја разбуди љубовта кон Бога и едни кон други.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/tarzhestvena-litia-po-povod-1700-godini-ot-namiraneto-na-kra