Софиската митррополија на Бугарската Православна Црква објави дека на архимандритот Никанор му изрекува казна „аргос“ – целосна забрана за свештенослужење во траење од 15 дена, почнувајќи од 23 октомври 2025 година, заради „неизвршување или невнимателно извршување на црковните правила, одредбите на црковниот устав, службените должности или законитите наредби на црковната власт“.
Архимандритот Никанор на македонската јавност ѝ е познат по своите коментари во врска со Македонската Православна Црква, од кои Бугарската Црква се огради, нарекувајќи ги „недозволиво мешање“ и „обид за вршење влијание врз една братска помесна Православна Црква“. Тоа не беше првпат овој клирик да биде опоменат за своите јавно изнесени ставови кои Бугарската Црква ги карактеризираше како „без благослов и во директна спротивност со црковната дисциплина, монашкото служење“, како што пренесовме.
Во продолжение е целото соопштение од Софиската митрополија.
Софиската света митрополија соопштува дека, врз основа на извештајот бр. 2831-А/22.10.2025 г. и согласно со член 81, став 1 и член 95, т. 14 од Уставот на Бугарската Православна Црква – Бугарска Патријаршија, поради систематски прекршоци – „неизвршување или невнимателно извршување на црковните правила, одредбите на овој Устав, службените должности или законитите наредби на црковната власт“, согласно член 190, т. 14 и во врска со член 207, т. 2 од Уставот на БПЦ – БП, на архимандрит Никанор (Мишков) – игумен на манастирот „Св. безсребреници и чудотворци Козма и Дамјан“ кај селото Гигинци, му се изрекува црковна казна „аргос“ – целосна забрана за свештенослужење во траење од 15 дена, почнувајќи од 23 октомври 2025 година.
Извор: https://mitropolia-sofia.org/2025/10/24/изявление-на-софийската-света-митроп-2/
