Бугарската Црква се противи на поставување на паганска статуа во Видин

Неговото Високопреосвештенство Видинскиот митрополит Пахомиј на 5 октомври 2026 година, упати отворено писмо до градоначалникот на Видин, граѓаните и до богољубивото паство на Видинската епархија, во врска со поставувањето споменик на паганското божество Изида во централното подрачје на бугарскиот град Видин.

Во писмото митрополитот Пахомиј отворено го изразува ставот на Црквата за ваквите споменици:

Видин е древен христијански центар со многувековна историја и традиција. Монументалното издигнување на лик на паганско божество во современиот јавен простор на градот и неговото симболично претставување пред општеството ги сквернават делата на нашите предци и верата во вистинскиот Бог, Господ Исус Христос. За Црквата, поставувањето вакви симболи не е само уметничко и естетско прашање. Тоа е прашање на духовна освестеност, историско сеќавање и вредности.

Во илјадагодишната историја на христијанството и во многувековната традиција на православна Бугарија, безброен е бројот на владетелите, духовниците и мачениците кои ја утврдиле светата вера по нашите земји, почнувајќи од примерот на покрстителот на нашиот народ – светиот цар Борис, продолжувајќи со множеството маченици во времето на владеењето на иноверци и стигнувајќи до нашата најнова историја, низ атеистичкиот режим на управување, со достојни луѓе кои ја бранеле Христовата вистина.

Понатаму, Неговото Високопреосвештенство го појаснува ставот на Црква и бара отстранување на овој споменик.

Поради сите овие околности, не можеме да останеме рамнодушни кога во нашиот град се издигнува лик на паганско божество. Светото Писмо јасно зборува за поклонувањето и духовното значење на идолите. Самиот Господ Исус Христос вели: „На Господа, твојот Бог, поклони Му се и само Нему служи Му“ (Матеј 4, 10). Овие зборови не оставаат простор за двосмисленост во однос на христијанското разбирање на Бога и поклонувањето.

Светиот апостол Павле, исто така, ги предупредува христијаните: „Затоа, возљубени мои, бегајте од идолопоклонството“ (1 Кор. 10, 14), и додава: „Не можете да ја пиете чашата Господова и чашата на демоните; не можете да учествувате на Господовата трпеза и на трпезата на демоните“ (1 Кор. 10, 21). А светиот апостол Јован го завршува своето Прво соборно послание со краткиот, но исклучително јасен повик: „Чеда, пазете се од идолите“ (1 Јов. 5:21). Овие зборови не ѝ припаѓаат само на древноста. Тие се предупредување до христијанинот од секое време да прави разлика меѓу културното познавање на минатото и издигнувањето на неговите религиски симболи како јавни знаци и вредности.

Како архипастир на богозаштитуваната Видинска епархија, го изразуваме своето несогласување со поставувањето на овој скверен симбол и Го молиме Бога да им прости и да ги вразуми сите учесници во овој тажен чин, извршен во пресрет на празничните денови за христијаните во градот, и повикуваме навремено да бидат преземени дејствија за преиспитување и отстранување на паганскиот споменик.

Ова несогласување произлегува од одговорноста на Црквата јасно да го именува она што е спротивно на христијанската вера и од уверувањето дека јавниот простор на еден град не е духовно неутрален. Симболите што ги поставуваме во него воспитуваат, зборуваат и сведочат пред идните поколенија за она што го сметаме за достојно да биде издигнато и почитувано.

На крајот, Митрополитот потсетува дека ваквите постапки имаат и последици:

Историјата памети тажни примери – и од далечното и од блиското минато, во кои обидите за оживување на древни пагански култови им нанеле штета на луѓето и на местата каде што биле подигнувани споменици и други симболи спротивни на христијанската вера. Должни сме да бдееме над своите постапки, бидејќи тие не се без значење во контекст на нашиот религиски и културен идентитет.

Им се обраќаме на граѓаните на Видин – овој случај нека биде повод за сериозен разговор за тоа какви симболи сакаме да им оставиме на нашиот град и на поколенијата по нас. Историското наследство треба да биде познавано и сочувано, но современите општествени симболи треба да се создаваат со особена одговорност кон духовната, историската и културната чувствителност на локалната заедница.

До православните христијани во Видинската епархија упатуваме посебен повик мирно и достоинствено да го изразат својот став, бидејќи самите сме повикани од Бога и од Неговата Црква, познавајќи ја вистината на Христовите зборови: „Јас сум светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот“ (Јован 8:12).

За нас, христијаните, Светлината не е митолошки лик – Светлината е Христос, нашиот Бог. Нему Му прилега секоја слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/otvoreno-pismo-otnosno-postavyaneto-na-pametnik-na-ezichesko